
СТИПЕ МЕСИЌ: Бугарите зборуваат глупости, Тито не ги создаде Македонците
Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ тврди дека Бугарија беше на страната на нацизмот, а потоа прејде на страна на сојузниците, а дека Македонците не ги создал ниту Тито, ниту Коминтерна. Македонската нација си е природна нација.
Тој смета дека односот меѓу Бугарија и Македонија, во времето додека Македонија беше во рамките на Југославија, одамна е апсолвирано прашање и дека тука не смее да има никакви проблеми. И сите оние што сега го потегнуваат таквото прашање очигледно можат само да им пречат на односите меѓу Македонија и Бугарија, но и на мирното решавање на проблемите во целиот регион.
Ако дефинитивно било решено прашањето за односите меѓу Југославија и Бугарија, а со тоа и на Македонија и Бугарија, мислам дека сега не е ни во европски интерес, ни во интерес на регионот, а на крајот ни во интерес на Македонија ни на Бугарија, да се поставуваат прашања што веќе се решени, кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.
Бугарија зборува за Македонија поради нивните внатрешни прашања, имаат многу работи што не се решени, па наједноставно е да се покрене такво прашање што треба да ја окупира домашната јавност, па да се заборави на она што треба да се решава во сопствената земја.
Никаква Коминтерна не го создала ниту бугарскиот ниту македонскиот јазик. Бидејќи и едниот и другиот јазик се јазици што ги говорат посебните народи, бугарскиот народ – бугарски, македонскиот народ – македонски. А сличности има. Има и меѓу српскиот и хрватскиот, па Србите го нарекуваат српски, Хрватите – хрватски, Бошњаците – бошњачки, Црногорците – црногорски.
Не гледам ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет. Македонската нација постои, таа е историски факт и секој што тука нешто проблематизира всушност им штети на односите во цела Европа.
Сите ние во регионот имаме многу заедничка историја, но тоа не значи дека сега треба да се покренуваат некои прашања што веќе не постојат. Тоа е прашање на идентитетот на македонската нација, македонскиот народ, македонската држава и во таа смисла никој нема право да се меша и да бара некакви историски факти што можат да ги нарушат сегашните односи меѓу државите, кои мора да бидат нормални.
Извор МКД.МК