60 скопјани се казнети за фрлање ѓубре после 22 часот, инспекторите во голема акција

Македонија, СКОПЈЕ

Граѓани кои фрлиле ѓубре после 22 часот, биле казнети со 50 евра. Со ова се соочиле 60 граѓани по воведувањето на забраната за фрлање ѓубре од 22:00 до 06:00 наутро. Помина периодот на опомени и адаптација, инспекторите веќе казнуваат.

ТВ „Сител“ направи обиколка на градот и забележа дека додека главните булевари се чисти и контејнерите празни, во маалските зони се уште се гледа преливање на отпад.

Градоначалникот на Скопје изрази задоволство од мерката, истакнувајќи дека со неа е воспоставен ред и дисциплина во одлагањето на отпадот.

Според податоците на Град Скопје, инспекторите за животна средина во последните три месеци извршиле над 45 вонредни контроли во кругот на ОХИС, Стаклара и општина Сарај, со казни што се движат од 1.000 до 53.000 евра. Покрај тоа, одговорни лица за управување со отпад биле казнети со 3.000 евра, додека физичките лица добиле по 250 до 500 евра казни за неправилно одлагање и палење отпад.

Комуналната инспекција исто така извршила 240 контроли на градилишта низ Скопје, кои резултирале со 25 опомени и 11 казни од по 1.300 евра. Мерките покажуваат дека инспекциската служба ја засили контролата за да се одржи чистота и ред во главниот град.