Сведочење за Кочани: Брат ми го препознав по тетоважите, во „Пулс“ не сум видел ПП-апарат, а билети се продаваа и на малолетници
На прашање на обвинителката, кажа и дека додека бил на цигара надвор кога почнал пожарот го видел сопственикот Дејан Јованов-Деко како претрчува покрај него внатре во дискотеката со ПП-апарат во рацете.
Во „Пулс“ немам видено противпожарен апарат, билети се продаваа и на малолетници, а вечерта кога се случи пожарот настана стампедо и голема паника, кажа Кристијан Панов во своето сведочење на денешното рочиште од судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.
Кристијан во пожарот го загуби својот брат Андреј Панов. Двајцата работеле во „Пулс“, Кристијан како келнер, а Андреј како шанкер. Рече дека не бил редовно вработен, туку доаѓал по повик од сопственикот на т.н. кабаре кога имало настани и забави.
На почетокот, одговарјаќи на прашања на обвинителката кажа дека дневницата од 1 500 денари со другите келенери ја добивале пред почетокот на работниот ден. Кажа дека во работата го упатил неговиот брат, но не биле пријавени како вработени.
На прашање кој се настапувал во дискотеката рече дека тоа биле повеќе музучки групи и ди-џеи од државата и од странство. За тоа дали и претходно се употребувала пиротехника, тој кажа дека на претходна забава имало настап на ди-џеи од Грција со кои биле и танчерки. Не користеле пиротехника, туку танчерките ги забавувале гостите вртејќи фаќели.
Одговарајќи на прашање на обвинителката кажа дека како што нему му е познато. Во однос на обезбедувањето, наведе дека како постојани обезведувачи биле ангажирани лица од Кочани и биле присутни на настаните.
„Лазар Захариев, Столе, не му го знам презимето, исто така беше и Ивица, не му го знам презимето”, кажа тој.
Рече дека нивна обврска била да стојат на врата и да ставаат печати на дланките на гостите кои имале купено билет.
„Стоеја на на врата и кога ќе купиш билет го предаваш на нив и тие ставаа печат на раката, некогаш и не. Печатот беше за да можат гостите кога ќе излезат надвор потоа повторно да влезат внатре”, рече младото момче.
Потврди дека во кабарето присуствувале и малолетници. На прашањето дали на настаните доаѓале полицајци во униформа на настани, кажа дека имало случаи колку што нему му е познато, но кажа дека не знае зошто биле присутни.
Потврден беше неговиот одговор на прашањето дали полициски службеници што тој ги познава биле присутни без униформа на настаните што се организирале во „Пулс“.
За резервација на места за настаните во т.н. кабаре рече дека одговорен бил менаџерот Борис Финдачки, но можело да се резервира и преку сопственикот Дејан Јованов-Деко.
Интегрално дел од судскиот процес може да го проследите во целост на овој линк.
