
КОЛУМНА Ајрулаи: Отворете очи
Отворете очи
пишува м-р Лулјета Ајрулаи, копретседател на Женски Концепт
Заев и Ахмети гордо обзнанија дека ќе коалицираат за претстојните локални избори, ќе си се поддржат еден со друг. Заев е тој кој во 2016 година изјавуваше дека нема да коалицира со криминалците од ДУИ. Потоа истиот тој Заев им водеше предизборна кампања на ДУИ за локалните избори во 2017 година и ги спаси од распад. Заев на парламентарните избори во 2020 година пак изјавуваше дека ДУИ треба да одат во опозиција и дека тоа е здраво. Но кога завршија изборите, сложно си ги поделија гласовите. И сега истиот тој Заев прави предизборна коалиција со ДУИ.
Што мислите зошто? Размислете зошто Заев и Ахмети прават предизборна коалиција? Од друга страна, зошто самопрогласените патриоти ДУИ прават предизборна коалиција со македонска партија? Или зошто најголемата албанска партија како што милуваат да се наречат ДУИ, предизборно коалицира со македонска партија? Која е потребата двете владеачки партии предизборно да коалицираат? Некој ќе рече дека е нормално штом се во влада, коалиција да бидат и на избори заедно. Меѓутоа штом и СДСМ и ДУИ постојано се фалат како тие се вредни, како работат за доброто на граѓаните, како нив ги сака народот, штом е така тогаш зошто не одат самостојно на избори? И да видат колку народот ги сака и колку ќе ги гласа, ама без далавери и фалсификати од нивна страна.
Јас нема да одговорам на овие прашања, сакам да ве наведам вас да размислувате, да анализирате, и да дејствувате, а не да бидете само неми набљудувачи. Почитувани, нели е крајно време да се здружиме и да дејствуваме против неправдите, манипулациите и хаосот што владее? Јас не се обраќам на партиските фанатици и робови, бидејќи тие се безнадежни случаеви. На нив ако еден ден од партија им речат скокнете од балкон и тоа ќе го направат. Тие немаат повеќе личен интегритет и достоинство, продале се. Јас се обраќам на оние граѓани кои размислуваат здраворазумски, кои гледаат објективно на случувањата, кои се самокритични. Знам дека бројот на овие граѓани е помал во однос на бројот на оние граѓани кои заедно со своите партии ја уништија државата. Но ако се здружиме, и добро да се организираме верувајте дека ќе постигнеме успех, ќе направиме промени, ќе ја спасиме државата.
Изреката гласи “паметниот попушта”, но додека паметните попуштаат, будалите и глупавите почнаа да владеат и им се качија на глава на паметните. Отворете очи, видете ја вистината и не дозволувајте повеќе политичарите да ве изиграт. Зарем не е срамота, изживување и потценување на граѓаните тоа што од владината коалиција предлагаат кандидати за градоначалници, кои осум години биле на таа функција и ја упропастиле општината? Сите знаат колку се корумпирани и пак да ги гласаат!? Не само што ги предлагаат туку и ви кажуваат дека тие го нуделе најдоброто!
Не почитувани, вам ви го нудат најлошото, најкорумпираното, криминалното, а за себе си ги земаат најдобрите пари. Значи во очи ве гледаат и ве прават будали и уште иронично се смешкаат. Нели е ова навреда за граѓаните? Затоа доста толерирате валкани игри, доста пропаѓаме. Крајно време е сите чесни и нормални граѓани да се здружиме и да ги победиме ненормалните и нечесните.