
НOВA МEГA AФEPA ја тpece Владата на Заев
Фалат 536 пожарникари, а Владата вработува нови 166 политички полтрони во МПСОЗ
Македонија исправена пред нов скандал. На среде огнена стихија во која буквално гори половина од територијата на државата и кога е прогласена вонредна состојба на цела територија, во паника државните служби објавуваат дека не може да се справат со пожарите поради недостаток на луѓе и опрема.
Покрај старата опрема, која е недоволна, на 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум.
Во истиот тој момент, на сред вонредна состојба, Владата на Заев вработува нови 166 политички полтрони во Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците.
Наместо неопходните пожарникари, власта на Заев одлучила пред избори да вработува партиски војници, за да гаси пожари во неговата партија, а не пожари кои започнаа да одземаат животи низ земјава – коментираат аналитичарите.
Во услови кога само четири од сите 30 противпожарни единици имаат доволно пожарникари, а во останатите недостигаат вкупно 536 пожарникари, Влада вработува партиски војници. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје, каде покрај сите скопски општини се опфатени и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер – Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.
Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари, и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Не е подобро ниту во Куманово каде недостигаат 49 пожарникари. Во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари.
Пресметките се направени врз основа на законски пропишаниот минимум пожарникари, проценката од Државниот завод за статистика за бројот на населението што живее во општините што се опфатени од противпожарните единици, како и бројот на моментално вработените пожарникари во секоја од 30-те единици според податоците добиени од самите единици преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Додека Законот го определува неопходниот број на професионални пожарникари на противпожарните единици, не постои Закон со кој можеме да ја зауздаме оваа недомаќинска и разуздана власт. Буквално власта веќе не знае што прави со себе и со своите овластувања.
Наместо согласно Законот, да се потполни бројот на пожарникари и да се набави нова опрема за територијални противпожарни единици во Градот Скопје и општините: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип, Ресен, Кавадарци, Валандово, Дебар, Берово, Виница, Делчево, Крива Паланка, Кратово, Струга, Кичево, Крушево, Македонски Брод, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип, Демир Хисар и Неготино, и да се справиме со оваа катастрофа, власта се посвети на изборна кампања и се грижи само за партиските војници.
И да има пожарникари, дали има што да возат?
Инаку, покрај недостигот на пожарникари, речиси да нема промена и во расположливоста со противпожарни возила во земјава. Според годинешното истражување и базата на податоци што ги изработи Центарот за граѓански комуникации, во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. За споредба, истражувањето од пред точно една година покажа дека земјата тогаш имаше 220 возила, просечно стари 27 години.
Ова значи дека возилата што се набавени во меѓувреме не биле нови и не го „подмладиле“ противпожарниот возен парк во земјава. Напротив, во текот на 2019 година противпожарните единици во земјава го зголемиле бројот на возила за 26, но нивната просечна старост изнесува дури 18 години. Во текот на истата година, расходувани се 5 стари возила.
Во меѓувреме од ланското истражување кое покажа загрижувачка состојба со противпожарните возила во земјава, со возила „на ново“ се стекнале само противпожарните единици во Прилеп (две нови возила од 2019 година) и во Демир Хисар (едно возило од 2017 година). Најстари возила имаат Кратово и Делчево, најнови Велес и Демир Хисар.
Најстари возила, во просек 35 години, и натаму има противпожарната единица во Кратово, која од лани до сега го проширила возниот парк, но сепак со стари возила. Со истата просечна старост на возилата од 35 години е и противпожарната единица од Делчево, а веднаш зад нив на третото место според просечната старост на возилата е Струмица, со 33 години. Со просечна старост на противпожарните возила од 32 години се Охрид и Крива Паланка, а просечно по 31 година се стари противпожарните возила на Куманово и Битола. Валандово и Струмица ги имаат двете најстари противпожарни возила во земјава – ТАМ 5500 и ФАП 13 – и двете од 1966 година, односно стари по 54 години.
Кога станува збор за застапеноста на марки возила, убедливо води ФАП со дури 63 возила. Следат Лада Нива од која има 32 возила, ДАФ со 20 возила и ТАМ со 18. Од марките Волво и Мерцедес има по 13 возила.
Податоците се од истражување од страна на Центарот за граѓански комуникации со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината во ова истражување е одговорност на авторите и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој иили на Владата на Соединетите Американски Држави.