ИЗЈАВА Ајрулаи: Заев го изгуби европскиот пат

Изјави, Македонија, Политика

Копретседателката на Женски Концепт, м-р. Ајрулаи за МКДенес го коментираше „Отворен Балкан“ на Заев, Вучиќ и Рама. Таа смета дека Заев го изгуби европскиот пат.

Иницијативата за регионална соработка помеѓу Србија, Албанија и Македонија позната како “Мини Шенген“, доби ново име „Отворен Балкан“, на бизнис форумот што се одржа во Скопје. Според претседателот на Србија Вучиќ, и премиерите на Албанија Рама и на Македонија Заев, замислата е рампите на границите да бидат отворени за граѓаните од трите земји, да нема царини и да се обезбеди слободен проток на стоки, услуги и капитал од први јануари 2023 година.

Заев, Вучиќ и Рама потпишаа три меморандуми за соработка. Со оваа Иницијатива во која Заев веднаш се залета уште еднаш потврди дека тој го изгубил европскиот пат. Дека неговите изјави за интеграција во ЕУ се само декларативни. Тој со своите постапки се повеќе ја оддалечува земјата од ЕУ и почнува да личи на Груевски, дури и да го надмине со грешките што ги прави.

Нам не ни треба никаков мини шенген. Наместо да одиме напред ние се враќаме назад. Спомнуваат некаква нова или мала Југославија. Апсолутно оваа иницијатива не може да се спореди со таа историска Југославија. Ова е само една искривена форма која можеби звучи убаво, но реално не нуди ништо подобро за граѓаните на трите земји. Само олигарсите, бандитите и шверцерите од трите земји ќе имаат корист полесно да ги остварат своите бизнис интереси.

Ништо, навистина ништо не може да ни биде замена или компензација за интеграција во Европската Унија. Единствено тоа е вистинскиот пат за Македонија, пат кој со оваа влада нема да се реализира. Затоа треба да се смени.

Оваа влада од условите што се бараа за отпочнување преговори со ЕУ, не исполни ништо, туку почна да ги менува имињата на сите државни институции, а замислете тој услов не е содржан ниту во Преспанскиот договор, онака како што го реализира оваа влада. Ние од МК Концепт имаме реално решение за брз интегративен процес на Македонија во европското семејство таму каде што припаѓаме.