НАЈНОВО: Богојески за конфедерација со Грција, Преспански е мртов

Балкан, Изјави, Македонија

Богојески смета дека европскиот пат на Македонија кон ЕУ може да помине преку Солун и Атина.

Лидерот на Македонски концепт Петар Богојески е единствен со став дека донесената Резолуција во Парламентот е антимакедонски чин, дека Заев го предал европскиот пат на Македонија, тргнал по стапките на Груевски. Според него, ЕУ нема алтернатива и нуди решение како да влеземе во ЕУ за 5 години од денес.

Богојески изјавува:

Резолуцијата за заштита на македонски идентитет ништо не заштитува, а ја спроведува руската политика на Балканот. Штом нешто од таа политика е реализирано, значи дека ќе исчезне македонската држава. Така било низ вековите, така е и денес. Македонскиот Парламент донесе антимакедонска Резолуција и ги сруши темелите на европската иднина на земјава. Сега влеговме во устата на бугарските болшевици, кои работат да падне македонската Република.

Преспанскиот договор е мртов. Тој не може да се имплементира без отпочнати преговори со ЕУ. Самите одредби на договорот налагаат имплементација, после отварање на поглавјата во преговорите, и тоа во рок од пет години, а не веднаш. Со тоа Договорот е неспроведлив поради самиот себе.

Има две решенија, или еднострано да го напуштиме договорот или да го надградиме. Првото е ризично по стратешкото партнерство со САД, второто има подобро решение од она на слепите Заев и Димитров.

Имено, Преспанскиот договор се темели на сукцесивно решение со Грција на заедничкото наследство во рамките на македонизмот, како супериорно историско – културно наследство на Балканот. Ние можеме сега обратно, да соработуваме на заедничка грижа за тоа наследство. Македонизмот да не поврзува, а не да не разделува. Така симболот од Кутлеш ќе стане симбол кој не обединува, а наместо да се тепаме за неговото наследство, тој ќе биде признат од сите кои сакаат да се повикуваат на него.

За тие како мене, кои ја разбираат суштината на македонизмот и имаме поинаков став кон тој симбол, ќе има полно право да ги негуваме традициите на славомакедонизмот, онака како најдуваме за прифатливо, согласно меѓународните и стандарди во ЕУ.

Со помош на САД, да ги обновиме пријателските разговори со Грција, Преспански договор да го надградиме на база на македонизмот, да влеземе во ЕУ преку конфедерација со Грција, а од името на државата да исчезне „северна“. Така ќе бидеме најбезбедни и државноста ни е загарантирана.

Таа конфедерација со Грција во ЕУ, ни обезбедува и решение за МПЦ – ОА, нашата вековна болка. Вселенската Партијаршија ќе се охрабри и ќе издаде томос на автокефална Охридска Архиепископија, ќе го возобновиме темелот на славомакедонизмот и ќе го помириме со хеленомакедонизмот. Тука Русија ќе нема сила да не спречи, конечно после четири векови ќе го исполниме сонот и желбата на нашите прадедовци.

Македонската Република ќе се преуреди како граѓанска, согласно традициите и наследството на Илинден, по теркот на Крушевската Република. Така ќе живееме спокоен и богат живот во ЕУ. Пријателството со Србија и Албанија ќе продолжи, а проблемот со Бугарија брзо ќе исчезне.

Ова е еден од начините како, ние од Македонски Концепт ќе ја внесеме Македонија во ЕУ за најмногу 5 години од денес. Има уште неколку можности, ќе ги зачуваме за следна прилика, изјавува Богојески.