КOЛУMНA Аjpyлаи: Јазикот е богатство

Колумни

Јазикот е богатство

пишува Лулјета Ајрулаи, м-р по социолошки науки

Пратениците од Левица поднесоа интерпелација за Таљат Џафери кој за жал е претседател на Собранието, затоа што зборуваше на албански јазик во Европскиот парламент! На таа интерпелација се придружија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. И сега си играат пинг понг, де вака требало да гласи де онака требало да пишува, па Таљат им ја враќа поради неправилности, па тие пак му ја враќаат, и така со банални игри се зафркаваат. Која е целта?

Таљат кој е популист и пропагандист, не дека изгорел од желба да го промовира албанскиот јазик, туку му текна да си направи предизборна реклама. Од друга страна, Левица и ВМРО-ДПМНЕ предизборно сакаат да се прикажат како патриоти и заштитници на Уставот, демек еве сега ќе реагираат против Таљат, бидејќи тој со тоа што зборувал на албански јазик го прекршил уставот и законите на РСМ или на РМ! Предизборно се фатиле за јазикот на Таљат, големиот патриот на батерии кој со неговата партија ДУИ албанскиот јазик го сведоа на тоа да се нарекува “јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните”. На тој начин со глумење патриотизам сите сакаат да си го кренат својот рејтинг, да ќарат политички поени, единствено тоа им е целта друго и нема да постигнат.

На овој начин го замајуваат народот да се занимава со небитни работи во моментов, а да ги заборави битните. Да не заборавиме кога беа на власт ВМРО-ДПМНЕ, дезертерот од АРМ Таљат го поставија министер за одбрана. Претходниот мандат кога Таљат исто беше претседател на Собранието, го заштити Вељановски да не му биде одземен пратеничкиот имунитет. И сега мислите дека навистина ВМРО-ДПМНЕ имаат нешто против Таљат?! Или дека се загрижени што тој прекршил устав и закони?! Кога ќе дојдат на власт повторно ќе соработуваат со тој Таљат.

Кога станува збор за јазикот, јазикот е богатство, колку повеќе јазици знаеме толку сме побогати и способни да комуницираме со припадниците на повеќе нации, да комуницираме без пречки во земјата каде што живееме, но и на глобално ниво. Но ете, кај нас и за јазикот се прават проблеми, но тоа важи само за обичните граѓани, инаку политичарите кога крадат и противправно се богатат не им пречи јазикот.

Но граѓаните кај нас се склони да се фатат за споредни работи, па така ќе слушнете како одредени Македонци реагираат против употребата на албанскиот јазик, како не сакаат тие и нивните деца да учат албански јазик, како не сакаат да слушнат за албански јазик, па што ќе им е тој јазик и слично. Јас лично доколку бев Македонка многу ќе сакав да го знам и ќе го научев албанскиот јазик, односно јазикот на втората најголема етничка заедница која што живее во мојата земја, во тоа нема ништо лошо, напротив, зошто да не го знам јазикот на моите комшии, на моите пријатели, на моите колеги? На соседните држави?

Од друга страна, не е убаво што и некои Албанци кои се родени и пораснати во Македонија, да не го знаат македонскиот јазик, да не го разбираат, па да имаат потреба од преведувачи што во повеќето ситуации при преводот се губи значењето на тоа што го зборувале и што го кажале. За жал, има многу предрасуди меѓу Македонците и Албанците тие се одразуваат и врз јазикот. Познавам неколку Македонци кои оделе на курс за да учат албански јазик, толку убаво го зборуваат албанскиот, да ти е милина да ги слушаш, звучат поубаво дури и од некои Албанци.

Секој јазик си има своја вредност, своја убавина. Нема лош јазик. Јазикот не е виновен, виновни се политичарите што го користат како средство за остварување на свои цели. Виновни се и граѓаните кои дозволуваат политичарите да ги манипулираат и во овој аспект, да се расправаат за јазикот. Жално.