
НЕВЕРОЈАТНО: Министер Оливер Спасовски изгради „кабриолет“ граничен премин
Огромен успех за министер Спасовски, за само неколку денови го „изгради“ времениот Граничен премин Стрезимир – Рестелица на македонско-косовската граница. Тој од денеска и официјално е отворен за минување на граѓаните на двете држави. Свеченото отварање, за разлика од фрижидерот и кафематот во МВР, беше организирано со меѓународно присуство. Присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот косовски колега Џелал Свечла и вицепремиеркате на Косово Емилија Реџепи, само ја надополнија свечената атмосфера.
Вакво чудо наречено „кабриолет граничен премин“ не е видено до сега. Не е забележано никаде во светот, а претставува уникатно дело на министерот Спасовски. Дали за истото ќе добие надоместок за иноваторство, останува да почекаме на соопштение на Владата.
Преминот што се наоѓа на планината Кораб, на тромеѓето Македонија-Албанија- Косово, ќе работи до 1 септември годинава од 08.00 до 20.00 часот. Во ноќни часови нема да работи од опасност мечките да ги нападнат полицајците, со оглед на фактот што работат на отворено.
Богато украсена маса, турена на сред ливада, покрај козји пат, со дури две столчиња, изработени од висококвалитетни материјали, издржливи на атмосферско влијание, е иновацијата на министерот Спасовски, наречена „кабриолет премин“. Ова е дел од заложбите за зелена Македонија, на оваа зелена Влада на Македонија. По зелена не може да биде.
Дали во истото има замешано прсти зелената ДУИ, па од еколошки причини дала согласност само за оваа специјална опрема на зелена ливада, нема информации од Влада. На отварањето е направена „фешта“, поделени се и освежителни пијалоци, која кошташе повеќе од самиот граничен премин. Што значи министерот заштеди милиони од Буџетот на Републиката со ова уникатно здание.
За минување на границата ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно важечка патна исправа (пасош или лична карта). Може и од тие фалсификуваните пасоши, поделени на половина Косово и на сите белосветски преваранти.
Министерството за внатрешни работи информира дека преминот е значаен за развојот на туризмот на општините од двете страни на границата, како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините. Ќе ги задоволи потребите во овој период на граѓаните кои живеат на подрачјето на Општина Маврово и Ростуше, Република Македонија и Општина Драгаш, Република Косово, а ќе ги користат во најголем број жителите на селата Ростуше, Велебрдо и Жировница – од македонска страна, и на селото Рестелица, од косовска страна.
-Денешново отворање на времениот Граничен премин Стрезимир – Рестелица е уште еден наш заеднички придонес во име на заедничките цели – граници што ќе бидат безбедни и отворени за граѓаните. Овој граничен премин, иако по својот обем и карактер е практично од локален тип, сепак е во интерес на жителите од пограничните региони, за нивно непречено транзитирање од двете страни на границата, независно дали станува збор за економски, приватни или други причини, истакна Спасовски.
Со оглед дека преминот по правило функционира во летниот период, укажа, во текот на едномесечното работење во 2019 година регистрирани беа речиси 1.900 преминувања, што е респектабилна бројка за еден ваков времен граничен премин.
Спасовски порача дека граничната безбедност заедно со слободниот и непречен трансфер на стоки и патници преку границите, се примарни цели на системот на интегрирано гранично управување, но и на регионалната и, пред сѐ, на билатерална гранична соработка, соопшти МВР.