ПАКЕТ за АЛБАНЦИТЕ, па нека изберат, како до сега или граѓански Устав

Политика

Македонското население од албанската етничка заедница во Македонија има сериозен проблем да ги артикулира своите потреби, од една страна притиснати од голиот албански етнички шовинизам од друга страна реалниот живот на секој еден од нив.

Што е подобро за припадниците на оваа етничка заедница? Што им нуди Пакетот за Албанците од новата партија Македонски Концепт, која е носител на идејата за брза интеграција на земјава во ЕУ преку донесување на нов граѓански Устав?

Дали е подобро за нив како до сега, со постоење на етнички партии или подобри решенија им нудат граѓанските партии како МКонцепт?

Лидерот на таа партија, Петар Богојески на своја објава посочи дел од понудата за нив во т.н. Пакет за Албанците, во кој ги повика да направат избор со донесувањето на новиот граѓански Устав.

„Добивте градоначалници, министри, директори.. етнички Албанци, но дали добивте поквалитетен живот? Дали вашите улици се асфалтирани, почисти, дали дишете подобар воздух, дали децата ви се школуваат во поубави училници, дали се лекувате во подобри амбуланти? – прашува Богојески.

Вие сте заложници на албанската мафија, исто како и ние. Вие страдате и сте рекетирани од истите банди, како и ние. Тие не познаваат нација и вера, тие се бандити и ништо повеќе.

До кога ќе ве лажат со „користење на албански јазик“? До кога ќе гласате за гол популизам, наречен албански етнички шовинизам? До кога ќе живеете во филмот дека ослободувате стара албанска земја од словенски окупатори? Дали ви кажале колку опасни се тие работи токму за вас Албанците?

Ако ги погледенете решенијата на Македонски Концепт, преку новиот граѓански Устав, прво нема да биде важно колкав процент од популацијата сте и нема перманентно да живеете во стрес и потреба да фалсификувате избори и пописи, зашто некој ви кажал дека од тоа ви зависи животот.

Јас ве разбирам зошто тоа го правите, но не ве оправдувам зошто не слушнете подобри решенија. Еве, со новиот граѓански Устав, вие можете да бидете и 5%, нема да изгубите ништо, бидејќи сите ние ќе бидеме рамноправни граѓани на Републиката, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Дали сте 1%, 20%, 60%… се исто ќе биде! Правата и одговорностите пред и кон државата ќе бидат рамноправни за сите нас, државјаните на Македонија.

Тоа ќе ве ослободи од потребата постојано да докажувате колкав процент сте! Исто како што ние имаме потреба да докажуваме колку сме Македонци, бидејќи не оспоруваат како такви, така и вие колку проценти сте, бидејќи со тоа ве уценуваат! Тоа ќе биде минато и за вас и за сите нас.

Употреба на албански јазик е смешно решено! Зошто да има било какви ограничувања? Македонски Концепт ќе ги прогласи сите јазици на Македонија во службена употреба. Рамноправно и линеарно, согласно реалните потреби и согласно највисоките светски стандарди и препораки на Венецијанска комисија. Албански може да се употребува секаде каде има релана потреба за тоа, а не насилно, со што постојано ве оптеретуваат и ве носат во конфликт со сите останати.

Македонскиот јазик ќе биде лингва франка, за разбирање на сите граѓани. Но албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, влашкиот и други ќе бидат во рамноправна употреба, изборни за сите ученици, па ќе може и во Берово да се научи албански. Или во Куманово да се научи влашки или во Битола да се научи српски. Сите деца од сите етнички заедници, ќе си го изучуваат мајчиниот јазик рамноправно со македонскиот, без било какви пречки.

Зошто дозволувате сеуште да бидете уценувани и залажувани со глупости со употреба на албански јазик? Како што се сега глупостите на Бектеши, со наметнување на бандероли или ценовници? Тоа е смешно и глупаво. Тоа само прави да ве мразат сите Македонци, без никаква потреба! Ние имаме супер решение за тоа. Бизнисот ќе диктира кој јазик му е потребен! Во ресторан во Гевгелија можеби ќе биде потребено мени на грчки, а не на албански јазик. Или во Делчево на бугарски, или во Куманово на албански и српски. Во Охрид имаат потреба од сите јазици, но не политичарите, туку бизнисот да има потреба.

Ваше е само да престанете да гледате на државата и институциите како на нешто туѓо и опасно за вас. Да ги почитувате и градите исто како нас. И ние имаме арамии и вие ги имате. Тие и нас и вас не ограбуваат преку Буџетот. И ние и вие плаќаме даноци, а заедничките арамии, заеднички не ограбуваат! За жал, вас албанската мафија повеќе ве рекетира, а вие не се чувствувате заштитени од државата, бидејќи гледате како на нешто туѓо.

Македонски Концепт ќе ја доближи државата до вас! Ќе ја направи сервис за сите граѓани, без да има потреба да плаќате рекети. Ќе ве заштиме од бандите кои ве малтретираат и ве тераат да се чувствувате како гости во свои домови.

Сите сме ние Македонци, сите сме рамноправни, без разлика на етничка припадност. Сите сме луѓе! Има надеж и прогрес и за вас и за нас, само доколку заеднички си ги средиме работите. Има иднина за сите тука во земјава.

Системот денес е целосно нефункционален. Затоа бегаат младите. И вашите и нашите деца се селат низ светот. Без рестарт на системот на државата, нема ништо добро за никого. А треба да направиме само едно нешто, сите заедно! Особено вие чесните, домаќини и еснаф Албанци.

Треба само да донесеме нов граѓански Устав, кој во моментов е киднапиран од криминалните банди во Собрание, кои станале пратеници и со ваши и со наши гласови. Добро е вие етничките Албанци да притиснете кај Таљо Џафери, да престане да се курнази и да постапува по закон и Устав. Да се распише референдум, сите заедно да го изгласаме и така сите заедно ќе ја победиме и мафијата и ќе обезбедиме иднина во земјава. Прогрес и правда за сите. Надеж за сите!

Доколку донесеме нов граѓански Устав, тоа ви е загарантирано! – завршува Богојески.