ОТВОРЕНО ПИСМО: БОГОЈЕСКИ со „македонски предлог“ до АГЕЛЕР за Уставот

Изјави, Македонија, Политика

Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека македонскиот јазик и идентитет нема да бидат загрозени во процесот со уставните измени. На тоа отворено и одговори националниот лидер на партијата Македонски Концепт, Петар Богојески кој ги прецизираше македонските аргументи по тоа прашање.

Почитувана амбасадор Агелер, јас и мојата партија Македонски Концепт длабоко ја почитуваме поддршката на САД за нашата евроатланска агенда, но пред се би кажал, на нашата државност. За тоа сме бескрајно благодарни од дното на нашата македонска, искрена душа.

Јас целосно ја разбирам вашата загриженост дека дел од опозициските партии во земјава заземаат одредени позиции околу прашањето за уставните измени само за да противречат, без да посочат аргументи во таа насока.

И за нас е неразбирлив ставот на ВМРО ДПМНЕ за трампа на измена на Уставот со поддршка за доаѓање на власт или оној на Левица за лажен реципроцитет со Бугарија за внес на Македонци во бугарски Устав. Тука да немате дилема, тоа се значителни небулози, туѓи за Македонски Концепт и за сите здраворазумни граѓани во Македонија.

Но дозволете аргументирано да ви покажеме дека вашиот став е резултат на инерција на веќе воспоставен и наметнат наратив со наводно решение за македонско – бугарскиот проблем преку т.н. „француски предлог“. Ве молам, дадете си шанса на себе и на САД да ги согледате македонските аргументи и да го прифатите нашиот „македонски предлог“!

Јас ве уверувам дека нашиот став ПРОТИВ измени на Устав со цел внес на Бугари во него, не е позиција само за да противречи, да се биде против предлогот ЗА. Напротив, тоа е длабока наша идеолошка определба за Македонија како граѓанска држава на сите наши граѓани, наша доктринална определба, која не е против, туку нуди и конкретно и вистинско решение за бугарското прашање во земјава.

Ние нудиме НОВ ГРАЃАНСКИ УСТАВ на Македонија, во кој нема да има место за етнички конфликти, балансери и трговија со човекови судбини, туку слобода и солидарност помеѓу сите нас, македонските граѓани, во стилот на вас, американските граѓани и вашиот Устав на САД.

Токму оваа криза со „измена на Уставот“ ја гледаме не како проблем, туку како шанса конечно да постигнеме внатрешен консензус помеѓу сите политички субјекти и да донесеме нов Устав на современата македонска Република. Ве уверувам дека тоа е возможно, особено со ваша поддршка.

На тој начин, конечното решение нема да биде на грб само на Македонците од македонската етничка заедница, туку товарот и одговорноста ќе ги понесеми сите граѓани заедно, без разлика на која етничка заедница или верска група припаѓаме. Тоа ќе ги залечи старите рани и ќе ја врати довербата кон САД, особено кај етничките Македонци.

Свесни сме дека ова прашање ја надминува политиката и нашите партиски интереси. Тука во целост се согласуваме со вас. Но вие мора да станете свесни дека ваквата наметната измена на македонскиот Устав, нема да донесе решение и нема да го отвори патот за Македонија кон ЕУ, кон 21ви Век. Освен трагична судбина за Македонците, ништо добро нема да донесе. Најмалку ќе ја донесе ЕУ во Македонија или ќе ја однесе Македонија во ЕУ!

Обратно, ваквото бугарско решение, именувано како француско, ќе ја врати Македонија во 19ти Век, времето на пропагандите и Балканот ќе го втурне во нова огромна криза, слична на онаа од Балканските војни, што верувам не е во интерес на САД и НАТО. Тоа не смее да го дозволиме, ниту ние, ниту вие!

Знам дека за вас е исклучително непријатно прашањето, како граѓаните на Македонија да веруваат дека Софија нема да поставува нови и нови пречки кои не се поврзани со критериумите за членство во ЕУ. Знам дека знаете, дека тука аспирациите на Бугарија не запираат. Напротив, тука започнува нова македонска голгота, пострашна од онаа за време на Светските војни и Граѓанската војна во Грција.

Неприфатливо е на толку многу важно прашање, моите Македонци да ги упатувате на разговор со „лидерите“ кои ја водат оваа земја, бидејќи вие подобро од мене знаете дека тие се крајно корумпирани и крајно компромитирани, без доверба кај граѓаните. Ова е важно прашање, на кое мора да имате одговор сите вие кои си дозволувате на истите тие Македонци да им сугерирате прифаќање на „измени во Устав“.

Ние немаме амбиции да ја рушиме бугарската државност, а имаме капацитет да ја убедиме Бугарија во подобро „граѓанско решение“ од нивното етничко. Тие знаат дека ќе им бидат подобро запазени нивните интереси со нашиот предлог за граѓански Устав. Како добри соседи, тоа ние самите ќе го усогласиме.

Доколку се воздржувате од такви сугестии за измена на нашиот Устав по „француски рецепт“, во целост ќе ја разберам вашата позиција за нашата „внатрешна дискусија“. Но доколку вие како наш надворешен стратешки партнер, влегувате во истата таа внатрешна дискусија, тогаш обврзани сте да најдете решение како да го поддржите нашиот „македонски предог“ и да го запазите нашиот македонски национален интерес за конечно и трајно смирување на сите македонско – бугарски недоразбирања.

Лично ве уверувам, со сиот свој кредибилитет и капацитет, дека нашиот „македонски предлог“ за граѓански Устав е поквалитетно и одржливо, трајно решение од т.н. „француски предлог“, полесен за имплементација и отвара „брза лента“ за интеграција на Македонија во ЕУ, за што ја барам вашата лична и поддршката на САД.

Мојот народ бара РЕЦИПРОЦИТЕТ со Бугарија. Да му го овозможиме, со донесување на македонски граѓански устав, налик на бугарскиот граѓански устав, а македонската етничка заедница во Бугарија и бугарската етничка заедница во Македонија ќе ги уживаат истите права во двете Република, по највисоки европски стандарди. Само таков реципроцитет е возможен, а вие тоа го знаете.

Наместо тензии и политички пазари, надгласување во Парламентот, нудиме релаксирана и здрава атмосфера, демократска дискусија и отворена, транспарентна разврска, која ќе ја врати гордоста на Македонците и довербата во успехот на Македонија.

Внимателно ги следам вашите изјави и чекори во таа насока, истакнувајќи ја вашата лична и улогата на Стејт департментот за придвижување на работите во земјава. Знам дека сте свесни, дека не е само тешко да се придвижат уставните измени, туку и да се спроведат реформите кои се неопходни за нашето членство во ЕУ. Тука пред се мислам на борбата со корупцијата и нефункционалниот систем.

Тука сме заедно да се избориме, да станеме модерна, прогресивна и функционална Република, со продуктивно општество кое ќе овозможи квалитетен живот на реалниот човек во земјава. Ние имаме КОНЦЕПТ за тоа!

Ве поздравувам и посакувам оваа скромна препорака да ја вградите во официјалната политика на САД, со што ќе ја добиете вечната благодарност од мојот народ. – истакнува Богојески.