
Што да направите ако ви наплатиле свидетелство?
Граѓаните на кои нема да им бидат вратени парите кои ги дале за свидетелства за своите деца, можат да се јават и пријават на бесплатната телефонска линија за деца 0800 88 500. Со ова дејствие, се заштитуваат правата на децата, соопшти народниот правобранител.
Кои училишта наплатиле за свидетелства оваа година?
Лука Павичевиќ, претседател на Сојузот на средношколци, соопшти дека четири училишта наплатиле свидетелства: средните училишта за економија и за медицина во Тетово, гимназиите „Зефљуш Марку“ во Скопје и „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Министерството за образование и наука реагираше дека училиштата не смеат да наплаќаат такси на родителите и учениците за издавање на свидетелствата. Тоа од нивна страна им било укажано уште пред крајот на учебната година.
Педагошката документација потребна за крајот на учебната година се обезбедува од Бирото за развој на образование при што секое училиште добива дополнителни 5% во случај на грешки и слично.
„МОН потсетува дека, согласно Уставот на Северна Македонија како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование (‘Службен весник на Северна Македонија’ бр. 161/19 и 229/20), со кои секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование“, велат од МОН, додавајќи оти станува збор за изолирани случаи во неколку училишта кои вршеле наплата на надоместокот за свидетелствата за што ќе постапи Државниот просветен инспекторат.
„Народниот правобранител повикувајќи се на уставно загарантираното право на образование кое согласно законската регулатива е задолжително и бесплатно, укажува надлежните органи – Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат веднаш да ги предупредат училиштата дека не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ, и да ги санкционираат сите субјекти кои ќе го сторат тоа, односно ќе го прекршат законот“, велат од канцеларијата на Насер Зибери.