
БУГАРИ ВМЕШАНИ ВО ЕКСПЛОЗИЈАТА НА КРИМСКИОТ МОСТ? Тврдењата кренаа прашина, експлозивот во камионот бил спакуван во Бугарија!
Не стивнуваат реакциите за уништувањето на кримскиот мост што ги поврзува Русија и Крим. Мостот беше кренат во воздух во саботата рано наутро.
Половина од патниот дел од мостот беше целосно уништен и заврши во морето, а оштетен е и горниот, железен дел од мостот, кога огромна експлозија зафати товарен воз со вагони полни со гориво.
По експлозијата на мостот Керч, Русија започна опсежна истрага и нови мерки за обезбедување на мостот.
Сепак, Москва не е единствената што отвори истрага – истрага е отворена и во Бугарија по тврдењата дека експлозивот натоварен со камионот што експлодирал бил спакуван во Бугарија.
Наводите дека товар од 22 палети со експлозив пристигнал по морски пат од Бугарија до грузиското пристаниште Поти, а потоа се упатил кон Русија преку Грузија и Ерменија, пристигнаа од дописникот на „Комсомол Правда“, Александар Котс. Но, тој не е единствениот кој ја споменува Софија во контекст на експлозијата на мостот Керч, пишува Еуроњуз.
Веднаш по експлозијата, директорот на Рускиот истражен комитет Александар Бастрикин на средба со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во инцидентот биле вклучени државјани на Русија и на странски земји кои помогнале во подготовката на тој терористички чин.
– Веќе ја утврдивме рутата на камионот што експлодираше, а тоа е Бугарија, Грузија, Ерменија, Северна Осетија и Краснодар и со помош на агенти на ФСБ успеавме да ги идентификуваме осомничените за подготовка на нападот – изјави Бастрикин.
Иако нема официјални податоци, овие тврдења кренаа голема прашина во Софија, каде прашањето за односите со Москва традиционално е многу чувствителна тема.
Градското обвинителство на Софија сепак покрена истрага поради „информации објавени од различни медиуми“ дека камионот што експлодираше на Кримскиот мост минал низ Бугарија. Истрагата е доверена на Министерството за внатрешни работи и на Државната агенција за национална безбедност.
Новинарот на „Комсомолска правда“, Александар Котс вели дека товарот од 22 палети, тежок еден тон, пристигнал по морски пат од Бугарија до грузиското пристаниште Поти.
-Пратката потоа била натоварена во камион со странски регистарски таблички, а возачот преку апликацијата Вокап контактирал со клиентот, државјанин на Украина – напишал Александар Котс, пренесува Еуроњуз.
Како што додава тој, камионот потоа се упатил кон Ерменија, која, како што наведе, е вообичаена рута за камиони кои одат кон Русија. Камионот, наводно, влегол во таа земја преку контролниот пункт Горни Ларс, кој е премин преку кој некои Руси бегаат во Грузија поради мобилизацијата.
Од друга страна пак, зад Софија застана Европската унија, дефинирајќи ги како неубедливи тврдењата на Русија дека камионот што го разнесе Кримскиот мост доаѓа од Бугарија.
„Обвинувањата немаат ни најмал кредибилитет. Слушаме толку многу пораки од Москва и таканаречените официјални места кои не заслужуваат никаков коментар“, изјави портпаролот на Европската комисија Петер Стано, пренесува Euronews Бугарија. Тој потсети дека Крим е Украина, а мостот Керч е нелегален објект што ја поврзува украинската земја со Русија без никакво одобрение од легитимните украински власти.