Вучиќ: На Србија и е понуден брз пристап во ЕУ во замена за прием на Косово во ОН

Свет

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека западните држави и понудиле на неговата земја брз влез во Европската унија, под услов Белград да се согласи со членството на самопрогласената Република Косово во Обединетите нации, пренесува РИА Новости.

Оваа недела претставниците на Германија и Франција им предале на српските власти нацрт документ со кој се сугерирало членство на Косово во меѓународните организации, но Вучиќ го одбил предлогот.

Според претседателот на Србија, во блиска иднина се очекуваат обиди самопрогласената република да се внесе во Советот на Европа, а потоа да се постави прашањето за нејзино членство во ОН.

„Србија ќе добие брз влез во ЕУ и веројатно значителни економски придобивки… Јас одговорив дека тоа е неприфатливо за Србија, според уставот, и не само според уставот, за Косово да стане членка на ОН“, нагласи Вучиќ.

Претходно, Вучиќ за време на својот говор на 77-та сесија на Генералното собрание на ОН рече дека земјите-членки на ОН се придржуваат до двојни стандарди за прашањата поврзани со територијалниот интегритет на Украина и Србија.

Политичарот истакна дека Србија не ја заслужува „агресијата што се случи во 1999 година“. Сепак, истакна српскиот лидер, 19 богати суверени држави – членки на НАТО продолжија да ја напаѓаат српската држава, „го поткопуваат суверенитетот без согласност на ОН“, го признаа таканареченото Косово и го нарушија интегритетот на Србија.