ДОБРО УТРО СО АМАТЕРКАТА И ВЕКОВНАТА ВОЛЈА ЗА САМОСТОЈНОСТ

Добро утро, ИСТОРИЈА, Македонија

НА КОЛКУ РЕФЕРЕНДУМИ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕИСПИТУВА ВОЛЈАТА ЗА САМОСТОЈНОСТ?!

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

„Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“ Киро Глигоров, 8 Септември 1991 година.

До каде стигнавме денес. Дали успеавме да ја изградиме Македонија во вистински слободна и самостојна и дали суверенитетот е таму каде што припаѓа – на граѓаните, се прашања кои треба да си ги постави секој од нас денес. Соочувањето со реалноста и одговорот на овие прашања можеби ќе бидат поттик за темелна реорганизација и продолжување на историската волја за државност.

Денес  8 Септември 2022 година, ние македонците за овие 31 година сме успеале  совршено да се  организираме во омразата, во потсмевот и презирот кон сонародникот. Успеавме да изградиме општество без хуманост и морален интегритет. Патот  на политичка, социјална, културна и образовна преобразба изминативе години го врвиме со некадарни, некомпетентни, корумпирани и луѓе без силен морален интегритет кои оставаат лош пример за сите други. Не успеавме да ја искусиме демократијата во вистинската смисла на нејзиното постоење, оти нема демократско општество без хуманост и морален интегритет. Таа не настапува автоматски со револуциите и со протестите, за неа е потребен долг и макотрпен пат.

Поделбите и партизацијата ја цепат вековната волја на македонскиот народ за своја држава

Денес, Македонското општество  живее во  криза на сите вредности. Страв и недоверба кон соседите, кон Големите сили, кон Европа. Дека целиот свет е против Македонците сме уверени до фанатичност.

Како да го разбереме минатото кога не сакаме да се соочиме со сегашноста. Сеуште се однесуваме како пред еден век. Несвесни дека живееме во СВОЈА држава и оваа година ќе ја прославиме независноста на нашата татковина.

И  денес ќе прославиме меѓусебно омразени. Во Македонија се чини дека секој секого мрази. Дека секој е гневен на некого. Немир и страв, гнев и подбив, невера и скепса владее со животот. Сите веруваат дека имаат причина за гнев и омраза. Роднините се скарани заради промената на името со Преспанскиот договор. Партиите сеат омраза – пак заради името и Договорот. „Патриотите” ги мразат „предавниците”.

Крадците и арамиите се „култивираат” себеси во лажна опозиција. Го критикуваат Преспанскиот договор, а во душата се благодарни што дојде до него, за да имаат за што да се „пазарат” со власта. За да останат засекогаш недопрени од законот. Заработуваат политички поени на апетитите со соседна Бугарија.

Историчарите станаа политичари и  трговци наместо слободни професионалци без самоцензура кои ќе ја зајакнат и поткрепат со историски факти вековната волја за државност. Денес  во самостојна и слободна држава се пишува нова историја, по мерка и желба на денес живите со цел да се уништи вековната волја на предците.

Денес во суверена држава  „се печати нова историја“ од Византија до Осмалиството, од гемиџиите до илинденците Гоце, Даме, Ченто или преродбениците и просветителите Кирил и Методиј.

Тоа е македонската реалност. Таа е длабоко раслоена и трагична. Таа може да почне да се менува. Но за тоа се потребни решителни, коренити и долготрајни реформи. Тоа сигурно нема да се случи со омраза и гнев на Македонците едни кон други. Време е Македонците да се обидат да ја надминат улогата на „жртва” на историјата. Тоа ќе се случи најбрзо ако почнат сите да се грижат за државата – од политичарите до последниот граѓанин.

Дури и кога Македонија би станала утре членка на ЕУ, македонското општество, државата ќе ја градат со сопствен труд само македонските граѓани. Никој друг нема да го стори тоа за нив. За тоа треба сите да почнат да работат. Во најобичната смисла, од која зависи благосостојбата во сите нормални општества – со посветеност и труд. Да ја трошеа многу од Македонците и досега енергијата што ја вложуваа во омразата кон другите во работа, Македонија денес ќе беше рајска градина.

И сеуште ни прилега „Фуснотата без повод“ на  Гане Тодоровки:

…Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме?“