Утре Османи и Генчовска ќе го потпишат протоколот па дури потоа јавноста ќе дознае за содржината на протоколот

Македонија

Реципроцитетот е принципот на кој се заснова Протоколот, кој утре ќе биде потпишан во Софија, каде што заминува шефот на дипломатијата Бујар Османи.

На состанокот, како што брифираа од МНР, на меѓувладината комисија што ќе се одржи утре во Софија ќе се усвојат точките од Протоколот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Протоколот е всушност записник од средбата, во кој се прави пресек на тоа што е направено од минатиот состанок до денес.

Содржината, пренесува МИА, е различна, од онаа што ја објавуваа бугарските медиуми и е усогласена со францускиот предлог, а документот целосно ќе биде објавен утре откако ќе го потпишат Османи и неговата бугарска колешка Теодора Генчовска.

Реципроцитетот, како што најавија дипломатски извори, ќе се почитува во сите сфери, но нема да се примени во однос на правата на Македонците во Бугарија, поради ограничувањата во бугарскиот Устав, кој не признава етнички заедници.

Таму, како што посочуваат од МНР поради тие ограничувања, милион Турци се изјаснуваат како бугарски државјани.

Внесувањето на Бугарите во Уставот останува услов за отворање на поглавјата, а во Протоколот е наведено дека тоа ќе се реализира со формулацијата – припадници на други народи, каков што е бугарскиот народ.

Првата фаза од почетокот на преговорите, почнува во вторник, на 19 јули, кога воедно се чита и отварачката изјава, потоа почнува процесот на скрининг, кој ќе трае година и пол, пред да се отворат поглавјата има уште една меѓувладина конференција, но претходно треба да се исполни условот околу измените на Уставот, што е всушност компромисот во овој пакет – брифираат дипломатски извори, пренесува МИА.