Џабе протести: Денеска ќе се закаже пленарна седница во Собранието за „францускиот предлог“

Македонија

На редовната координација во Собранието денеска ќе се разговара за тоа кога би можела да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европска Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европска Унија на 30 јуни 2022 година.

Претседателот на Собранието Талат Џафери пред неколку дена за МИА изјави дека за тоа ќе се разговара на редовната координација на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Во понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот- изјави Џафери.

Како што појасни, доколку има потреба седницата може да биде прекината и да се закаже нова на која на дневен ред би била Информацијата испратена од Владата.