ПОПЕТРЕСКИ: Најдобре да им се натртиме на БУГАРИТЕ, толку ќе влезе!

Изјави

Мојот пристап кон отворените прашања со соседите секогаш бил воден од стремежот да си ги средиме работите дома и да ја направиме нашата Македонија пристојно место за живеење, што (стана јасно во изминатите три децении) не е возможно без позитивниот притисок за трансформација што се надеваме дека ќе го донесат преговорите за членство во Европската Унија. Низ таа призма гледам на Преспанскиот договор, низ истата призма гледам и на отворените прашања со Бугарија, а од вчера и на францускиот предлог.

Со оглед на реакциите што ги предизвика предлогот, првата дилема што сакам да ја поставам е дали сега, кога не постои преговарачка рамка, а уште помалку „бугарски барања во неа“, Бугарија не ја блокира Северна Македонија? Дали ако бугарските барања формално не се дел од пристапниот процес на земјава, тие едноставно ќе исчезнат и нема да влијаат на него?

Дали „принципиелните“ земји членки на ЕУ, на пример, Германија, ја премислија Бугарија или направија нешто јасно и видливо за таа да се чувствува посрамено и непријатно од тоа што го прави (а наводно и со нив се работеше многу, а и тие демек работеа многу)? Ако одговорот на сите овие прашања е очигледен, тој не може да се игнорира во анализата на францускиот предлог.

Понатаму, нели главната теза на пропонентите на решавањето на споровите со соседите во изминатиот период беше дека идентитетските одредници се најважни и дека ако тие се зачувани, со се друго може да се живее? Тоа е основата на договорот со Грција. Дали францускиот предлог го доведува во прашање идентитетот на етничките Македонци или на најчист можен начин го потврдува со јасното именување на македонскиот јазик во преговарачката рамка, која е суштински најважниот документ од целиот пакет што протече вчера?

Трето, дали навистина некој мисли дека Северна Македонија може да стане членка на Европската Унија без да ги почитува и спроведува договорите со Грција и со Бугарија? Од друга страна, дали нивното „внесување“ во пристапниот процес може да значи дека оценката за исполнувањето ќе ја дава неутрален арбитар или арбитри – Европската комисија и другите држави членки на ЕУ? Дали, на тој начин, барем малку ќе се намали субјективизмот за тоа дали се имплементира или не Договорот со Бугарија, на што Северна Македонија е жртва во моментов?

Четврто, дали сме спремни да ги препрочитаме Декларацијата на 44. Народно собрание на Бугарија и Рамковната позиција на владата во Софија од октомври 2019 година и да ги споредиме со францускиот предлог? Дали, на пример, во тие документи (Декларацијата и Рамковната позиција) пишува дека Бугарија нема да даде согласност за одржување прва меѓувладина конференција ако во историската комисија нема договор за Гоце Делчев, ВМОРО-ВМРО, Илинденско-преображенското востание?

Дали пишува оти во сите документи на ЕУ ќе треба да се користи фразата „официјален јазик на Република Северна Македонија“, а кога ќе мора да се каже „македонски јазик“, задолжително да се додаде „согласно Уставот на Република Северна Македонија“? Дали во бугарската рамковна позиција експлицитно пишува дека ќе се инсистира на посебно преговарачко поглавје (поглавје 35) за во него да се внесат бугарските барања? Дали нешто од ова е содржано во францускиот предлог? Притоа, да не забораваме, Бугарија е членка на ЕУ, а Северна Македонија сака да се зачлени.

Петто, дали некаде пишува дека акцискиот план за заштита на припадниците на малцинствата и заедниците, кој треба да ги опфати темите за недискриминација, говор на омраза, образование, е ексклузивно за Бугарите и бугарските барања? Дали некаде е наведено дека тој акциски план некој (Брисел, Софија…) ќе ни го натури или пишува дека планот треба да го состави нашата држава?

Дали „шампионот во почитување на малцински права“ Северна Македонија себеси се смета за апсолутно безгрешна и без простор за подобрување на темите од акцискиот план? Или, дали ако нема акциски план, некој паушално (како досега) може да ги злоупотребува тие прашања?

Да сумирам: Францускиот предлог е далеку од идеален. Но, тој е одраз на реалната состојба на теренот, пред се, на политичките околности во Бугарија. Ако изборот е дали да се прифати и да се продолжи по патот кон ЕУ (поплочен и со решавање на отворените прашања со Бугарија) или да се остане во западнобалканското блато и прегратката на Србија, мислам дека вреди сериозно да се размисли.