ДЕНЕС ОДБЕЛЕЖУВАМЕ Светата великомаченичка Ирина

Календар МПЦ - ОА

Живееше во апостолските времиња на Балканот во некој град Магедон, каде што татко ѝ Ликиниј беше владетел. Некои мислат дека таа е Славјанка. Родена како незнабошка од родители – незнабошци, Пенелопа (така ѝ беше името пред да се крсти) на христијанската вера се поучи од нејзиниот учител Апелијан.

Светиот Тимотеј, ученикот на апостолот Павле, ја крсти заедно со уште неколку дворјанки и ѝ ги донесе да ги прочита Посланијата на светиот апостол Павле.

Кога се одрече од мажачка и го разгневи татко ѝ, па тој сакаше да ја мачи, таа на чудесен начин го обрати во христијанство. Освен татко ѝ, на маки ја подложуваа уште четворица други цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку Ангели.

Царот Седекија ја закопа до глава во ендек исполнет со отровни змии и скорпии. Но, Божји Ангел ги умртви отровните гадинки и ја сочува светата девица неповредена. Тогаш, овој цар се обиде да ја иструже со пила, но пилата се одбиваше од нејзиното тело како од камен.

По ова, ја врза за тркало под воденица и пушти вода за да ја убие. Водата не сакаше да тече, туку стоеше – и девицата остана жива и здрава. Царот Савах, синот на Седекија, ја поткова со клинци, натовари врз неа вреќа со песок и ја впрегна, па нареди да ја водат како добиче далеку надвор од градот.

„Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“, говореше светата маченичка впрегната трчајќи по своите мачители. Но, Божји Ангел ја затресе земјата и земјата се отвори, па ги проголта нејзините мачители. Откако ги преживеа сите маки, со што обрати во христијанство огромно мноштво незнабошци, Ирина премина во градот Калипол и во него ја проповедаше верата во Христа.

Тамошниот цар Нумеријан сакаше да ја убие и ја фрлаше во три усвитени метални вола едно по друго. Но, девицата беше спасена и остана жива. Мнозина видоа и поверуваа во Бога. Епархот Ваводин ја одведе во градот Константин, каде што намисли да ја убие ставајќи ја врз усвитени решетки.

Ниту тоа не ѝ наштети на Света Ирина, туку повторно мнозина ги приведе кон верата на Вистината. Најпосле, Ирина дојде во градот Месемвриј, каде што царот Савориј ја уби, но Бог ја оживеа. А кога го видоа тоа, царот и многубројниот народ поверуваа. И така со своите страдања света Ирина приведе во Христовата вера околу сто илјади незнабошци.

Најпосле, самата легна во гроб и му нареди на Апелијан да го затвори гробот. Кога по четири дена го отворија, неа ја немаше внатре. Бог ја прослави за навек девицата и маченичката Ирина, која се жртвуваше и претрпе сè за да Го прослави Него меѓу луѓето со сите сили што ѝ ги подари.