ДУИ ПРИТИСКА врз Таче да ги прифати БУГАРСКИТЕ БАРАЊА

Политика

Ќе има предвремени парламентарни избори доколу во јуни нема почеток на преговорите за членство во Европската Унија, информира извор близок до Демократската унија за интеграција (ДУИ), што се толкува како директен притисок врз Таче да ги прифати бугарските барања ако сака да остане на власт.

„Блокадата на парламентот од страна на опозицијата и можниот недостаток на европска перспектива со неопределување датум за преговори не оставаат друг избор освен одржување на нови парламентарни избори“, вели изворот на „КД Политик“.

Според пишувањето на порталот, на предвремените избори ДУИ нема да оди во предизборна коалиција со македонските партии – ниту со СДСМ ниту со ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа дополнително на СДСМ од ДУИ им најавуваат дека заминуваат во опозиција ако не прифатат компромис со Бугарите.

Официјално, од партијата велат дека немаат конкретен став за можноста за предвремени избори, но не ги демантираат информациите на „КД Политик“.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на првата седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан. Османи порачал дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот.

За прв пат денеска шесте министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан беа поканети да бидат дел од редовниот формален Совет за надворешни на министрите на ЕУ. Тема на средбата беше војната во Украина, нејзините последици и влијанието на Русија во регионот.

Министерот Османи, за МИА изјави дека пред неговите колеги од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од овој конфликт во регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Македонија. За македонската страна на потег е Бугарија, Македонија исполни сѐ што беше побарано од неа.

Ова Османи го изјавил денеска пред 27-те министри на ЕУ, меѓу кои и бугарската министерка, Теодора Генчовска, која, според изворите на МИА, не покажала флексибилност на денешниот состанок.

Во случај повторно Бугарија да ја блокира Македонија во јуни, Османи вели дека ќе треба “да седнеме и да видиме“ како понатаму, во рамки на ставот на неговата партија.