АПЕЛ од БИГОРСКИ МАНАСТИР за вечерната молитва

РЕЛИГИЈА

Во пресрет на најсветите мигови на Христовото Воскресение, и најголемата радост која му се случува на човечкиот род, свештената Бигорска обител испраќа апел до сите верни што вечерва ќе земат удел во Пасхалната богослужба, да се воздржат од користење на мобилни телефони за време на службата.

Сликањето со мобилни телефони го уништува молитвениот амбиент и ја одзема духовната димензија на богослужбата, претворајќи ја во евтина атракција, подобна на световните настани и манифестации. Затоа во тој контекст, би ви биле благодарни доколку и самите ја согледате штетноста на оваа, во последно време доста актуелна навика и во иднина ја отфрлите.

На тој начин и вие ќе имате поголема полза од богослужбата, а и на верните околу вас ќе им овозможите со поголем мир молитвено да учествуваат во неа.

Уште еднаш апелираме да се почитува светоста на богослужбата, да не се фотографира со мобилни телефони, затоа што манастирот си има свои официјални фотографи и сите ќе имате можност подоцна да видите фотографии од тие благодатни моменти, што не би ги ни доживеале доколку во рацете држите мобилни. Надевајќи се дека ќе го почитувате овој апел, на сите ви посакуваме добра Пасха.

Со благослов на Епископот Антаниски г. Партениј, старец и игумен Бигорски