РУСКАТА АМБАСАДА доби одговор од Богојески: Да не сакате матичен број?

Македонија

Откако рускиот претседател Владимир Путин вчера ѝ нареди на владата за два дена да состави список на земји кои ја санкционираа Русија, нејзините компании, организации и поединци, Амбасадата на Русија во Македонија објави дека внимателно ги евидентира случаите на русофобија во земјава.

Таа порака многу наши граѓани ја разбраа како дирекна закана кон нашата земја, но и кон наши граѓани, што предизвикува дополнителен револт кај нив, покрај воената агресија врз пријателска Украина.

„Привлекуваме внимание на невиденото ниво на русофобија забележано во голем број странски земји во позадина на специјалната воена операција во Украина.

Предупредуваме дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани“, објави Амбасадата на Твитер.

Богојески, кој отворено ги истакнува македонските национални интереси во врска со политиката на Русија, им испрати директен одговор на руската амбасада:

„Да не Ви треба и матичен број за подобро да не евидентирате“ – порача Богојески.

Тој смета дека овие закани од Русија кон Македонија и Македонците се врв на безобразието, особено сатрапската политика на Путин, кој сите оние кои не се согласуваат со него во Русија ги прогласува за предавници, а низ светот за русофоби.

„Овие закани се доволна причина да реагира МНР и да го повика рускиот амбасадор на консултации“ – изјавува тој.

Богојески смета дека не станува збор за никаква русофобија, туку напротив за апели да се вразумат воените амбиции на Русија, кои предизвикуваат страшни последици по интегритетот на малите земји, како што е Македонија.

“Ние имаме право сами да одлучуваме за себе, а не Русија или било кој друг да ни кажува каде и што ќе одиме и правиме. Одлуката да станеме членка на НАТО и во иднина и на ЕУ е наш автономен македонски став, а Русија мора да научи да ги почитува ставовите на сите, вклучително и на помалите држави“ – е ставот на Богојески.