АПОКАЛИПТИЧНО: Мицкоски предупредува на банкрот на државата

Политика

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на партиски настан организиран по повод 100 дена од мандатот на градоначалниците, обвини дека во Македонија има стагфлација, цените на производите растат, а платите практично не се покачуваат.

Го пренесуваме говорот во целост:

“Овие денови слушаме и гледаме како Владата се фали дека направиле да расте минималната плата. Никој од нас, буквално никој од нас нема ништо против таквиот чекор, но суштината е дека тој не е доволен. Инфлацијата од рекордни 6.7 проценти одамна го јаде покачувањето на минималната плата, а проблемот останува и со оние илјадници кои не добија никакво покачување.

Власта со невидена леснотија го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание за усогласување на платите со коефициентите предвидени со колективните договори, а кои што се однесуваат на  сложеноста и тежината на работните места и на работните задачи, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека граѓаните се соочуваат со стагфлација и должничко ропство, укажувајќи дека за три години цената на струјата е покачена за повеќе од 30 проценти, цената на бензините е покачена за повеќе од  60%, зејтинот во овој период е покачен за повеќе од 40%, брашното за 38%, млекото е поскапо за 20 проценти, а платите на граѓаните имаат раст од нула денари.

И реалниот живот говори дека ако трошоците во 2019-тата година за едно  четиричлено беа околу 32.000 денари, денеска две години потоа на крајот на 2021 година тие изнесуваат 35 илјади денари. За три години цената на струјата е покачена за повеќе од 30 проценти, цената на бензините е покачена за повеќе од  60%. Зејтинот во овој период е покачен за повеќе од 40%. Брашното за 38%, млекото е поскапо за 20 проценти. А, за колку пораснаа платите додека сето ова растеше? Одговорот е нула. Ете затоа имаме сиромаштија, и затоа 500 илјади луѓе во Македонија живеат со помалку од 150 денари на ден, нагласи Мицкоски.

Ефектот од сето ова е стагфлација и должничко ропство. Многумина ќе си го постават прашањето што е сега тоа стагфлација? Ногу едноставно имаме енормна висока инфлација и стагнирање на економијата. За само 48 дена од почетокот на 2022 година, оваа Влада направи буџетски дефицит од верувале или не, 164 милиони евра или во проценти 30% од планираниот буџетски дефицит за цела 2022 година. Набргу ќе имаме ребаланс на овој буџет со зголемена потреба за финансирање, што значи дополнителен долг кој не втурнува во уште поголемото должничко ропство!

Се разбира кога ќе имате една таква ситуација тогаш првото што ќе им падне на памет е да издадат нова еврообврзницата, механизам со кој ќе ги задолжат и неродените деца. И тогаш претпоставувам изговорот на Владата ќе биде дека требаат пари да се реализираат капиталните инвестиции, а само еден податок сакам да кажам дека од овие повеќе од 160 милиони евра дефицит или нов долг успеале да реализираат капитални инвестиции околу 35 милиони евра. Што значи дека парите ги трошат, парите ги крадат, парите ги нема. А, народот и неродените деца ги задолжуваат. На својот грб ова ќе го носи народот. Особено приватниот секто, дециден е Мицкоски.