АПЕЛ Богојески: Престанете да навивате за Украина или Русија, гледајте Македонија

АНАЛИЗА, Изјави, Македонија

Богојески во врска руската агресија врз Украина даде изјава со која ги појаснува македонските позиции, или како што тој нагласи, „време е за нешто сериозно во врска со темата“.

„Русија е Европа и не може мир во Европа преку игнорирање на Русија. Тоа на сите одамна требаше да ни биде јасно. Овој преседан со признавање на сепаратистички региони од една независна и суверена земја за посебни држави, ќе има последици по цел свет, особено Европа.

Што следува? Украина ќе биде жртва на интересите на големите сили, ќе се преговара и разговара со години, за да на крај падне „конечен договор“ за 21ви век. Низ Европа ќе се создадат уште неколку мали држави, Русија ќе влезе во „поинакво НАТО“, или ако сакате „европско НАТО“, Украина ќе мора да живее со загубите, ќе ја утешуваат со загуби и на други земји.

Но мене ме боли нешто друго. Тоа е реакцијата или неумешното навивање на моите Македонци „за Русија или за Украина“. Тоа е толку непримерно, да не кажам трагикомично! Прво неубаво е да се ситиме на туѓа несреќа, особено на жртви и војни. Најмалку на братска Украина, која не се ситеше на македонските жртви и војна од 2001 години, туку срдечно ни помагаше.

Второ, кој сме ние да се глупираме за интересите на Русија или Украина? Што зависи од нас? Ние не сме си го средиле нашиот двор, но затоа најмногу знаеме за туѓиот. Срамно е ова поведение. Ние треба да си гледаме за Македонија и нашиот интерес од овие случувања во Европа и светот.

Кога еднаш ќе научиме да не се расправаме и убиваме помеѓу себе за туѓи интереси, а да забораваме на нашиот македонски национален интерес? Зарем уште не ја научивме „Денови“ од великиот Рацин? До кога Македонецот за туѓи бели дворови, ќе си копа свои црни гробови?

Доста е со глупости, кој е во право, Русија или Украина? Кој од нас има таква експертиза, за да суди? Научете еднаш, нема правда во меѓународни односи. Всушност тоа најдобро го знаеме ние во Македонија во спорот со Грција и Бугарија. Во светот управуваат аргументите на силата, за жал. Нема меѓународно право, тоа е фатаморгана. Затоа престанете со тоа кој е во право!

Што е нормално поведение денес за еден Македонец? Што е македонски интерес?

Да покажеме емпатија кон жртвите и да посакаме мир и стабилност во Европа. Да нагласиме дека ние сме против било каков принцип на менување на границите, бидејќи тоа ги засега македонските национални интереси, а со тоа признавањето на сепаратистички региони како независни држави, за нас е неприфатлив преседан.

Говорот на Путин за „заедничка историја“ со Украина, за непостоење на украински народ и јазик и за непризнавање на Украинската Православна Црква ги сметаме за навредливи, сочувствуваме, бидејќи Македонија најдобро знае што тоа значи. Украина и Украинците биле коминтерновска творба, говори Путин?!? Ви звучи познато? Токму истото ни се случува на нас, затоа ние сме солидарни со Украина. Ние очекуваме по истиот пат како Украинската Црква да биде признаена и МПЦ – ОА. Од тука имаме заедничка мака и болка со Украина и Украинците. И нашите и нивните маки имаат ист извор, а тоа е Москва.

Македонците еднаш мораме да разбериме дека сме полноправна членка на НАТО, со сите права и обврски во Алијансата. Во таа смисла, тргнувајќи од нашите скромни капацитети, остануваме солидарни со нашите сојузници, особено источно европските братски народи и земји, кои живеат под закана, слична на онаа на Украина. НАТО е сојуз на мирот, кој толку многу го посакуваме во Европа, вклучително и Русија.

Ние не ја мразиме Русија и рускиот народ. Им посакуваме мир и благосостојба. Но не можеме да одиме против нашите македонски национални интереси во интерес на нивните руски интереси. Поради таквото однесување во минатото, Македонците плативме најскапа цена во крв и трагедии. Изгубивме 2/3 од територијата на Македонија и повеќе од 3/4 од македонската популација. Ние сме народ кој најмногу настрадал поради руските интереси. Не смее да ни се повтори!

Ве молам да ме послушате, за да не ги тргаме пак истите маки како за време војните од минатото!“ – изјавува Богојески