Да ги запознаеме НОВИТЕ ДЕЧКИ од ГЕНЕРАЦИЈА Z

Живот, Забава

Како генерација тие составуваат една третина од светската популација. Родени се во периодот од 1997 до 2010 година, што значи дека најстарите имаат 23 години и веќе се втурени во светот на возрасните, односно се значаен дел од потрошувачкото општество. Кои се нивните карактеристики, гледишта, интереси и како може да им се пристапи на пазарот? Според многубројни спроведени анкети и прашалници, генерацијата Z не се разликуваат премногу во однос на миленијалците, имаат многу слични гледишта, но сепак постојат и значајни разлики кои треба да се потенцираат.

Тие се сметаат за слободоумни и независни, но и како група која има тенденција да преземе помалку ризици од нивните претходници. Ги нарекуваат digital-natives бидејќи се родени во екот на интернетот, но не се толку технички образовани со исклучок на употребата на социјалните мрежи. По природа се компетитивни и се големи реалисти, спротивно на миленијалците кои се означени како генерација со пооптимистички гледишта. Нивниот претприемачки дух е веќе препознатлив и се далеку подобри во мултитаскинг.

Она што ги разликува од миленијалците е што помалку го вреднуваат класичното образование со тоа што наоѓаат други начини како да ги унапредат своите вештини. Нивното ниво на свест и наклонетост кон реализмот ги прави помалку религиозни. Кога се работи за пријателствата, повеќе вреднуваат квалитет отколку квантитет. Како генерација која е “заразена” од употребата да технологијата и чии гледишта се поотворени, се смета дека имаат поголеми предиспозиции да страдаат од анкциозност и депресија.

Доколку влеземе во нивните умови ќе забележиме дека немаат отпор спрема промени. Нивниот главен двигател е постојаната борба за еднаквост. Тие имаат огромна толеранција спрема различностите што не е одлика кај постарите генерации (генерација X и бумерите). Како генерација се интересираат за финансиите бидејќи се свесни колку е значајно да си финаниски образован. Најголемиот дел од времето на интернет го трошат на YouTube, Snapchat, Instagram и TikTok, а за нив вистинските инфлуенсери се Јутуберите.

Сега откако знаеме многу повеќе за нивните особини и гледишта, полесно можеме  да ги таргетираме на правилен начин. Знаеме дека обожуваат да комуницираат преку слики/мемиња односно употребуваат помалку текст. Нивниот опсег на внимание е само 8 секунди, наспроти 12-те секунди кај миленијалците. Помалку веројатно е дека би кликнале на некоја реклама и не се врзуваат за еден бренд бидејќи сакаат да менуваат често.

Очекуваат многу повеќе од страна на грижата за корисници и начинот на кои ќе бидат услужени и сите тие одлики значат дека е потешко да им се пристапи и продаде некој производ или услуга. Она што е интересно е дека повеќе би платиле за добар производ отколку за добро искуство. Немаат никаков проблем да направат нарачка преку мобилен уред, за разлика од миленијалците кои сѐ уште се чувствуваат покомфорно да купуваат онлајн преку својот лаптоп или компјутер. Колку повеќе учиме за нив, толку подобро ќе можеме да ја разбереме оваа мошне привлечна таргет група и полесно да ја одредиме идеалната стратегија за пристап. За нас генерација Z влева надеж за општеството и за иднината. Тие се вистинско освежување, но и значаен предизвик.