
МИЛЧИН за Бујарче: Забега министерчево!
Владимир Милчин, долгогодишниот директор на Фондацијата Отворено Општество Македонија и режисер, го критикува министерот за надворешни работи Бујар Османи за неговиот повик до историчарите да не се мешаат во политичките елементи од спорот со Бугарија.
„Забега министерчево! Порачува ‘Сус!’ за историчарите, но и за целата јавност! Ќе дели дозволи за ‘благонадежните’ кои ќе смеат да ги коментираат, односно да им аплаудираат на политичарите? На власта која не трпи критика и кога е боса, односно некомпетентна за проблемот, како што е некомпетентна за историјата. Грдо е да распродаваш туѓа историја и згора на тоа да наложуваш молк!“, порача Милчин преку Фејсбук.
Османи реагираше на најавата од историчарот Драги Ѓорѓиев, кој ја предводи македонската делегација во заедничката историска комисија со Бугарија, дека работата на комисијата може привремено да биде суспендирана. Двете земји се обидуваат да почнат преговори на низа други теми, каде е можно да се постигне одреден успех, како на пример во инфраструктурата. Но, Бугарија инсистира и историските преговори да продолжат, со отстапки од македонска страна, и реагираше остро на најавата на Ѓорѓиев за суспензија во преговорите.
Министерството за надворешни работи беше посочено поради наводниот притисок врз друг историчар, Ванчо Ѓорѓиев, кој се повлече од комисијата откако изјави дека дипломати од МНР му вршат притисок да попушти во спорот со Бугарија. Османи беше посочен и од неговиот претходник, Никола Димитров, кој неодамна предупреди дека Владата на Ковачевски се подготвува да постигне нов договор со Бугарија кој сериозно ќе го наруши македонскиот национален идентитет.