ДВОЛИЧНАТА РУСИЈА: Еве што честита во Скопје, а што во Софија

Политика

Руската дволична пропаганда го добива своето вистинско лице од обична компарација на нивни две соопштенија од нивните две амбасади во Скопје и Софија.

Амбасадите на Руската Федерација во Скопје и Софија во период од само неколку дена испратија паралелни честитки до македонските и бугарските граѓани. Во С. Македонија го честитаат раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, а во Бугарија роденденот на Николај Игнатиев, потписникот на Санстефанскиот договор за формирање на голема Бугарија, која што ги вклучува и границите на нашата земја.

Руската амбасада во Скопје преку официјалниот Фејсбук профил денеска го објави следниов текст:

„Денеска навршуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, народен херој кој стана симбол на ослободителната војна во Македонија. Им го честитаме оваа значајна годишнина на сите кои ги споделуваат неговите идеали“.

Честитките за важни историски личности или настани од историјата не се први и единствени во изминатиов период од Руската амбасада во Скопје. Сепак, ваква слична пракса за испраќање честитки до бугарските граѓани има и Амбасадата на Руската Федерација во Бугарија, но за други историски личности поразлични од Гоце Делчев.

Па така, Руската амбасада во Софија вчера објави дека на фотовитрините на нивната амбасада била отворена нова изложба посветена на 190-годишнината од раѓањето на Николај Игнатиев, руски дипломат и потписник на Санстефанскиот договор од 1878 година со кој се предвиде формирање на голема Бугарија на Балканскиот полуостров.

Неколку дена претходно, на 28 јануари годинава руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова положила цвеќе пред споменикот на Николај Игнатиев во Софија, во чест на 190-годишнината од раѓањето на овој руски дипломат.

Исто така, 29 јануари 2022 година, Руската амбасада во Софија објави и видео посветено на 190 години од раѓањето на дипломатот Николај Игнатиев.