ДРУГАРСКО ДОБРО УТРО од Аматерката

Добро утро

,,У СВЕТУ ПОСТОЈИ ЈЕДНО ЦАРСТВО У ЊЕМУ ЦАРУЈЕ ДРУГАРСТВО,,

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт

Досегашните  СДС-мовски кадровските политики во изминативе години од нивното владеење, не само што беа изненадувачки  туку и запрепастувачки. Неколку имиња од нигде-никаде се најдоа како  министри и крупни сојузници на СДСМ, а претходно  беа лојални подржувачи, на еден или на друг начин, на претходната власт.  За другите кадровски избори како помали функционери праксата е иста како и за покрупните. На прв поглед ова делува нелогично па дури и глупаво. Но, не е така.

Напротив, ваквите политики се макијавелистички, во оригиналната смисла на зборот. Целата политичка филозофија на Николо Макијавели кога би се сумирала во една реченица тоа би бил неговиот цитат „Политиката нема врска со моралот“. Кога тој анализира конкретни појави низ оваа призма доаѓа до следниот заклучок „Околу ова, морам да го предупредам кнезот што преку тајни услуги дошол до поседување на некоја држава.

Мора претпазливо да размисли кои биле причините поради кои луѓето му направиле услуга. Ако не е тоа поради природно чувство према него, туку само незадоволство од нивната власт, тогаш тој ќе ги задржи пријателските односи со нив со големи маки, затоа што ќе е невозможно да ги задоволи.

Одмерувајќи ги причините за ова во античките и модерни [средновековни] примери ќе дојдеме до заклучок дека е полесно за кнезот да се спријатели со тие луѓе што биле задоволни од претходната власт, па затоа му се непријатели, одколку со оние што биле наклонети кон него и го помагале да ја зграпчи.

Така претходниот мандатар (кнез) врз база на спријателување со претходните, се обиде да владее но не успеа да ги надвладее. Напротив, вешто ја искористија шансата за себе и своето друштво. И бидна што бидна. Криминалци на слобода, а ситни функционерчиња и џепароши на секој чекор ја кројат судбината на државата.

Новиов мандатар одлучи да не ја следи праксата на неговиот претходник, а кадровките политики ги започна под мотото  ,,У СВЕТУ ПОСТОЈИ ЈЕДНО ЦАРСТВО У ЊЕМУ ЦАРУЈЕ ДРУГАРСТВО,, ….. функционерите си ги избира строго од свое друштво! Строго негови лични познаници и другари може да бидат поставени на највисоките позиции. Ќе видиме дали истата пракса ќе биде применета и во пониските ешалони на власта.  За ефектот од ваквиот ДРУГАРСКИ  начин на водење политика ќе го видиме подоцна. Очигледно е дека е исплашен од нови „познанства“  и непроверени другарства.

Ниту едниот ниту другиов не помислија за момент критериуми за избор на функционери да им биде ПРОФЕСИОНАЛНОСТА, МОРАЛОТ и ЕТИКАТА пред се’.

Нека ни е со среќа новата ДРУГАРСКА ВЛАСТ, па со лесно!