Муцунски почна со РАЗРЕШУВАЊЕ на директори!

Македонија

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски информираше дека побарал разрешување на директорот на ОУ„Лазо Ангеловски“, иако добил предлог од училишниот одбор да му го продолжи мандатот на директорот Перо Арсеновски. Градоначалникот нема да го назначи повторно истиот директор на најголемото училиште во Македонија, затоа што претходно неговото име беше поврзувано со пријави за сексуално вознемирување и малтретирање на жени вработени во училиштето.

„За актуелниот директор во заминување во изминатите години имаше огромен број поплаки, како од родители на ученици, така и од наставниот кадар на училиштето. Состојбите во училиштето беа повод и за сериозна грижа на општата јавност. За оваа моја одлука го информирав и Министерството за образование и наука и доколку тие не одлучат да ја преиначат мојата одлука, во најбрз рок во училиштето ќе именуваме в.д. Директор од редот на вработените. Во иднина нема да дозволам несоодветни кадри да бидат поставувани на високи позиции, особено кога станува збор за образовни институции“, пишува Муцунски.

„Ветувам дека ќе ја вратиме позитивната слика и довербата во сето она што е под наша надлежност и повеќе нема да има случувања кои предизвикуваат штета на образовниот процес, а со самото тоа и на нашите најмили. Нема да поддржам и назначам лице, кое со своето однесување ќе предизвика бурни реакции во јавноста, а и ќе нанесе непоправлива штета на училиштето во кое со децении наназад работат врвни професионалци.

Јас како градоначалник заедно со општинските служби ги преземавме сите неопходни мерки за што побрзо решавање на овој случај и го повикавме Државниот просветен инспекторат најитно да постапи во делот на разрешувањето, за што побрзо да можеме низ транспарентен и отворен процес да се избере нов директор.

Учениците се нашата иднина и најголемо богатство! Ние возрасните сме тие што мора да ги заштитиме и да се грижиме за безбедно образование на нашите деца!“, додава тој. Инаку, мандатот на директорот Арсеновски завршува кон крајот на февруари 2022 година.