Заев верен на „Отворен Балкан“ до крај: Денеска и утре оди во Албанија каде потпишува шест договори со Вучиќ и Рама

Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска и утре ќе престојува во Тирана каде заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, ќе бидат потпишани шест договори за соработка, меѓу кои и Договорот за услови за слободен пристап на пазарот на трудот, јави дописникот на МИА од Белград. Заев денеска на заедничка вечера во Тирана ќе има неформална средба со Рама и Вучиќ, а за утре се планирани неколку средби, соопштија од Претседателството на Србија.

-Ја користиме оваа прилика уште еднаш да ги поканиме сите наши соседи да се придружат и да им ги понудат на своите граѓани поволностите што ние им ги нудиме на нашите. Преку слободата на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, нашата соработка може да ја поттикне трговијата и растот и да го олесни животот на секој поединец во нашето соседство, се наведува во писмото потпишано од Заев, Вучиќ и Рама.

Тројцата лидери нагласуваат дека граѓаните на Западен Балкан, како составен дел од Европа се предолго изоставени од неа, а желбата на нивните народи да бидат прифатени од членките на ЕУ повеќе пати биле попречувани од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината.