Кој е бизнисменот со лажните вакцинални сертификати и ПЦР-тестови?

Македонија, Политика

Во земјите од соседството, а и во Македонија се прават и се продаваат лажни ПЦР-тестови, како и потврди за примена вакцина, кои ги користат лица што не се вакцинирани за влез во некои земји на ЕУ или за излез од Македонија. Фалсификати се продаваат по цена од 25 до 50 евра и на нив најчесто пишува дека пациентот е вакциниран со вакцината на „Фајзер“.

Полиција е во постојана потрага по фалсификаторите. Минатата недела комбинирани полициски екипи извршиле претреси на 11 локации во Скопје, Битола, Тетово и во Куманово и привеле седум лица под сомнение за продажба на лажни потврди за ПЦР-тестови. При претресите се одземени мобилни телефони, персонални компјутери, лаптопи, мемориски картички, 118 бланко договори, четири потврди за негативни ПЦР-тестови, печати, факсимили од австриски нотари и друга документација.

Пред два дена МВР поднесе кривични пријави против три лица од Русија, како и од Скопје и Куманово за приложување лажни тестови. Тие се товарат за дело „фалсификување исправа“. Пријавените на излез од државата на граничен премин „Табановце“ покажале фалсификувани негативни ПЦР-тестови.

Откриен е и случај каде што лажните тестови ги правело медицинско лице. Лекарот Е.М.(45) од гостиварско Чегране, вработен во гостиварската општа болница, се товари дека на две лица им изготвил лажни негативни ПЦР-тестови и им наплатил 4.500 денари. Пред еден месец 19 фалсификувани ПЦР-тестови открила полицијата при контрола на автобус што патувал од Македонија кон Германија. Било откриено дека фалсификуваните тестови се набавени од едно лице од Струмица, по цена од 1.000 денари по тест.

Лажните медицински документи најмногу ги купуваат македонски државјани што заминуваат на привремена работа во ЕУ.