
Помилуван нов груевист
Апелација ја укина пресудата за случајот „тарифа‚‚ во кој неправосилно осудени на по три години затвор беа поранешниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски и раководителите на сектори Ненад Ѓорговски и Методиј Стојановски.
Сега на тројцата обвинети во овој предмет ќе им се суди одново во скопскиот Кривичен суд.
Од Апелација велат дека пресудата на Кривичниот суд е укината целосно поради поради утврдени противречности и во осудителниот и во ослободителниот дел..Велат во првостепената одлука нецелносно биле оценети доказите, а противречно било и образложението во однос на вештачењето, а во неа не било наведено ни кои одредби од Законот за јавни набавки биле повредени од страна на обвинетите.
Одлуката на Апелација засега не е објавена на нивната веб страна, но поради интерес на јавноста таа велат ќе биде достапна од утре.
Првостепената пресуда за овој случај беше донесена пред две години, кога судијката Софче Гаврилова Ефремова оцени дека поранешниот директор на ЕЛЕМ и двајцата раководители ја злоупотребиле службената положба и овластување и овозможиле на правното лице конзорциум да изврши јавна набавка на софтверски систем со нецелосна документација за потребите на компанијата. Според обвинението, кое првично го отвори сега згаснатото СЈО, системот воопшто не бил вграден, а причинета била штета на компанијата од 450.000 евра.
Апелациниот суд, пак , ја потврди првостепената пресуда за случајот „Насилства во Центар“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на една година и шест месеци затвор, а останатите шестмина обвинети меѓу кои е и поранешниот министер Миле Јанакески добија условна осуда.