ДОДЕКА МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧУВА СО ДЕМОГРАФСКИ ПАД, ОВАА ОПШТИНА БЕЛЕЖИ РАСТ НА ПРВАЧИЊАТА!
Оваа година, во училишните клупи во општина Илинден за првпат седнаа 184 првачиња, што претставува зголемување од над 20 проценти во споредба со минатата година.
Во услови кога на државно ниво се бележи намалување на бројот на запишани ученици, растот на бројот на првачиња во општина Илинден е особено позитивен показател за развојот на општината, како и на зголемување на бројот на млади семејства и деца кои живеат во неа. По повод почетокот на учебната година, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, ги посети општинските основни училишта „Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“, им посака добредојде на најмладите ученици и им подели ранци со училишен прибор.
Покрај традиционалното обезбедување ранци и училишен прибор за секое прваче, оваа година Општина Илинден воведе и нова мерка за поддршка на семејствата, каде за првпат, секое прваче добива и финансиска поддршка во износ од 3.000 денари. Со оваа мерка, Општина Илинден дополнително им помага на родителите во периодот кога започнуваат новите училишни обврски, а воедно ја потврдува определбата за континуирана поддршка на најмладите жители и нивните семејства.
Во текот на летниот распуст, во училиштата на територија на Општина Илинден беа реализирани повеќе активности за подготовка на објектите и подобрување на условите за непречено одвивање на воспитно-образовниот процес, што дополнително ја потврдува заложбата на општината за подобрување на воспитно-образовниот процес на учениците. Во основните училишта на територија на општината годинава има околу 1.630 ученици, додека во средното училиште има 300 ученици.
