Николоски: Со над 5,6 милиони евра ја унапредуваме инфраструктурата во Струга

Uncategorized, Македонија

Над 5,6 милиони евра се инвестираат во капитални проекти во општина Струга преку поддршката од Министерството за транспорт, информира вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Средствата се насочени кон реализација на повеќе проекти поврзани со изградба и унапредување на булевари, улици и комуналната инфраструктура во Струга.

Како што посочи Николоски, преку Министерството за транспорт се гради булеварот „Туристичка“, проект вреден 175 милиони денари. Во тек е и изградбата на улицата „Источно Колекторска“, која треба да се поврзе со улицата „Туристичка“.

Покрај сообраќајната инфраструктура, со поддршка на Владата се реализираат и неколку проекти за изградба на канализациони системи на територијата на општина Струга.

Николоски информираше и дека со градоначалникот на Струга, Менди Ќура, разговарале за реализација на нов проект – продолжување на улицата „Колекторска“ до регионалниот, односно магистралниот пат што ги поврзува Струга и Охрид, кај Мислешево.

Според Николоски, инвестициите треба да придонесат за подобрување на патната и комуналната инфраструктура и за подобро поврзување на Струга со околните населени места.