Цуцковски: „Охридско лето“ го надмина очекуваното со рекордна посетеност
Со врвна уметност, голем интерес од публиката и рекордна посетеност и продажба на билети, вечерва беше затворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, информира директорот на фестивалот, м-р Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски посочи дека овогодишното издание ќе остане запаметено по настапите на врвни уметници од Македонија и светот, но и по големиот интерес од публиката.
„Ова издание бележи рекордна посетеност и рекордна продажба на билети, што е најсилниот доказ дека „Охридско лето“ има публика која му верува, го следи и го доживува како свој фестивал“, истакна Цуцковски.
Според него, постигнатиот успех е резултат на поддршката од институциите, спонзорите, партнерите и пријателите на фестивалот.
Цуцковски упати благодарност до Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка и довербата, како и до генералниот спонзор А1 Македонија и сите останати спонзори и партнери кои придонеле за реализацијата на фестивалската програма.
Посебна благодарност тој упати до фестивалскиот тим, кој, како што посочи, денови и ноќи работел на организацијата и реализацијата на сите фестивалски настани.
„На секој член од тимот кој денови и ноќи работеше, организираше, решаваше проблеми, беше на терен и се грижеше секој концерт, секоја претстава и секој фестивалски момент да биде реализиран на највисоко ниво – ви благодарам од срце“, порача Цуцковски.
Тој нагласи дека токму посветеноста на тимот, заедно со поддршката од институциите и партнерите и довербата од публиката, се меѓу клучните фактори за успешно завршување на 66. издание на „Охридско лето“.
