ВЛЕН: Дали Ислам Абази знае дека Обвинителството треба да дејствува и по допрен глас, или чека да слушне што ќе му каже Али Ахмети?

Македонија, Политика

ВЛЕН обвини дека во периодот кога со Јавното претпријатие за државни патишта раководел Ејуп Рустеми биле вршени притисоци врз една од најголемите европски компании за производство на заштитни огради да не учествува на тендери во земјава, со што, според нив, бил отворен простор за фаворизирање на компанија од Србија.

Од коалицијата посочија дека станува збор за сериозни наводи поврзани со јавни набавки вредни милионски суми и побараа надлежните институции да ги испитаат информациите објавени деновиве во медиумите.

Според ВЛЕН, случајот е особено значаен бидејќи се однесува на набавка на заштитни огради – опрема што директно влијае врз безбедноста во сообраќајот. Оттаму предупредија дека евентуалните неправилности во вакви постапки може да имаат сериозни последици по безбедноста на граѓаните.

„Ако безбедноста на граѓаните е ставена на пазар за тендерот да заврши кај српска компанија, дали треба да чекаме нови трагедии како Ласкарци за институциите конечно да се разбудат?“, прашаа од ВЛЕН.

Тие упатија критики и кон Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, прашувајќи зошто не постапува по информациите кои, како што велат, веќе се јавно достапни.

Ако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција молчи пред овие сериозни информации, тогаш прашањето што се наметнува само по себе е едноставно: Дали Ислам Абази знае дека Обвинителството треба да дејствува и по допрен глас, или чека да слушне што ќе му каже Али Ахмети?“, прашуваат од ВЛЕН.

Воедно, од ВЛЕН ја обвинија ДУИ за двојни стандарди, тврдејќи дека додека биле на власт соработувале со српски компании од лични интереси.

Од коалицијата порачаа дека нема да дозволат случајот да остане без институционален епилог и побараа надлежните органи транспарентно да ја информираат јавноста за евентуалните чекори што ќе ги преземат.