ВЛЕН: По две децении застој, автопатот Скопје–Блаце конечно се реализира
Коалицијата ВЛЕН соопшти дека автопатот Скопје–Блаце влегува во фаза на конкретна реализација, откако е завршена постапката за избор на изведувач, со што, како што наведуваат, еден од најважните инфраструктурни и стратешки проекти за државата конечно добива вистинска насока.
„Во изминатите 24 години, на граѓаните им беше ветуван овој автопат, но тој остана само на хартија. Денес, со ВЛЕН во Владата и со ангажманот на нашите претставници во државните институции, овој проект станува реалност“, се наведува во соопштението.
Од ВЛЕН истакнуваат дека не станува збор само за инвестиција во патна инфраструктура, туку и за стратешко поврзување со Косово, економски развој и создавање нови можности за граѓаните и бизнис-заедницата.
„Ова е инвестиција во побрз проток на луѓе и стоки, во унапредување на регионалната поврзаност и во отворање нови перспективи за економијата“, велат од коалицијата.
Во соопштението се посочува и ангажманот на заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи, како и координацијата со надлежните институции и меѓународните партнери, за кои велат дека веќе даваат конкретни резултати.
„ВЛЕН продолжува да докажува дека проектите не се реализираат со празни ветувања, туку со работа, одговорност и носење одлуки. Она што другите не го направија за 24 години, ВЛЕН го прави за 24 месеци“, се додава во соопштението.
