Коњановски: Битола домаќин на балканска џудо елита до 14 години

Македонија

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека градот викендов е центар на балканското џудо, откако свечено го прогласи за отворен Балканското првенство во џудо за деца до 14 години.

На натпреварите, кои денес и утре се одржуваат во спортската сала Боро Чурлевски, настапуваат најдобрите млади џудисти од повеќе балкански џудо-федерации, меѓу кои Македонија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Кипар, Албанија, Грција, Бугарија и Косово.

Во своето обраќање на отворањето, Коњановски порача дека ваквите спортски настани ја потврдуваат Битола како значаен спортски центар во регионот и силна поддршка за младите генерации.

Свеченото отворање го проследија и претставници на Балканската џудо асоцијација, предводени од Бранислав Црногорац, претседателот на Џудо федерацијата на Македонија Владимир Трпаноски, како и претставници на Министерството за спорт.

Организаторите се заблагодарија на домаќинот Битола и ЏК „Пелистер“ за поддршката и организацијата на овој голем џудо-спектакл, кој ги обединува младите спортисти од целиот Балкан.