
КОЛУМНА Ајрулаи: Народот бил корумпиран, власта е чиста
Народот бил корумпиран власта е чиста
пишува м-р Лулјета Ајрулаи, заменик претседател на Женски Концепт
Премиерот Зоран Заев изјави дека нема корупција кај високите ешалони на власта. Значи нема корупција кај министрите, директорите и другите државни функционери. И претседателот на основен суд – Скопје, Џолев исто изјави дека нема корумпирани судии. Нема корупција кај власта такво нешто не постои.
Во последниот извештај од Стејт Департментот е нагласено дека корупцијата е основниот и голем проблем во државата. Ама власта јавно кажа дека нема корупција кај нив. Тогаш каде е корупцијата? Не ви текнува? Епа ако не можете да се сетите каде е корупцијата и кои се корумпирани, тука е Заев да ви каже, и ви кажа дека всушност вие, граѓаните сте корумпирани. Службениците биле корумпирани. Хигиеничарките биле корумпирани. Чуварите биле корумпирани. Болните се корумпирани. И невработените кои со години бараат работа се корумпирани. И социјалните случаеви се корумпирани. И кучето на Трпе е корумпирано. Море цел народ е корумпиран, само власта е чиста.
Значи власта е на мака со вас. Кутрите министри, директори, судии и другите државни функционери мака мачат со граѓаните кои упорно им нудат и даваат мито и тие така под присила земаат. Значи со сила го земаат митото, со сила им давате пари кои не ги заслужуваат. Јаз’к, срам да ви е што им правите на кутрите душички. Па ги принудувате да купат луксузни автомобили, кои вие само на сон можете да ги видите. Да купуваат станови и вили, да градат цели станбени објекти, да одат на екстра луксузни одморалишта. Да конзумираат храна по скапи ресторани, кои вие само на телевизија можете да ги видите.
Од вас корумпираните граѓани Владата не може еден тендер да распише на раат, веднаш се растрчувате да и нудете пари. И сите овие “маки” државните функционери ги имаат од вас, корумпираните граѓани. Вие кои немате средства и за елементарна егзистенција, а ги принудувате функционерите да земаат пари од вас! Вие, народот на нашата земја исто така им давате пари на политичарите за да дојдат на власт. Па потоа тие од срам да не бидат без ништо од парите што им ги давате со сила, ви даваат вреќа брашно, зејтин, детергенти, тоалетна хартија, супи и смоки и по илјада денари, секогаш пред избори. Олку корумпиран народ нема никаде на свет.
Вие не знаете дека не е корумпиран тој што бара и што зема, туку тој што дава. Најдобар показател колку се корумпирани граѓаните на нашата земја е фактот што Заев им е премиер, а Груби заменик премиер. Само корумпиран народ може да гласа 30 години за исти корумпирани и криминогени политичари.