
Што се сокрива зад „мал шенген“?
Во заедничката изјава „Европски Западен Балкан“, македонскиот премиер Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ велат дека и покрај предолгиот статус-кво во однос на Европската унија и постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања, трите земји сами ќе почнат да ги спроведуваат четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, во регионот.
Но што се крие зад „мал шенген“? Дали движење на луѓе, стоки, услуги и капитал или решение на косовското прашање на штета на Македонија? Во оваа игра, секако добиваат Албанија и Србија, но на сметка на Македонија. Заев влезен во филм, ќе создава „европски западен балкан“, несвесен дека не внесува во нова национална катастрофа.
На масата цутат рози. „Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ. Постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ. Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија“, се изјавите на трите лидери.
Но под маса се крои решение за Косово. Интересите се преголеми за да се остави работата на случајност. Албанија и Србија земаа обврска пред меѓународна заедница, Косово да се реши во 2021 година. Тоа е нормален дијалог за нив, но што бара Заев на таа маса? Дали свесно или несвесно влегува во играта од која нема назад?
Тоа решение ќе означува и амин за тој компромис од светските сили. На маса каде се решаваат тие компромиси, секогаш Македонија лошо поминува. Секогаш сме алатка за поткусурување. Дали сега Македонија ќе ја плати независноста на Косово? Констатирањето на „европски западен балкан“ како алтернатива за ЕУ е всушност тоа.
Тројцата лидери ќе се сретнат на 29 јули во Скопје, за да го потврдат напредокот и да потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот самит меѓу трите земји. Станува збор за договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу нашите земји.
„Како регион со приближно 18 милиони луѓе, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно“, се вели во заедничката изјава.
Тоа е всушност покритие и затскривање на големите прашања. А тоа е безбедноста на западен Балкан и косовското прашање во тој контекст. Замената на ЕУ со ЕЗБ ќе има катастрофални последици по Македонија!