Која е една од зградите која го преживеа земјотресот во 1963 ?

Lifestyle, Дали Знаете, Македонија

Дали знаете ?

Пишува Гордана Јанакиевска

Браќата Атанас (Ташко) и Ристо Караџа, познати скопски трговци, го изградиле хотел “Бристол”, веднаш до старата Железничка. Хотелот свечено бил отворен на 24 април 1924 година. Важел за еден од најугледните и најмодерно опремените хотели, во кој редовно се состанувале членовите на првиот Ротери клуб од Скопје, формиран во 1931 година.

Се раскажува дека познатата англиска писателка и патописец Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, престојувала во хотелот во периодот помеѓу двете војни. Во 1936 година Ребека и Константин пристигнале во Скопје а со нивната љубов е поврзан и еден куриозитет, за кој знаат малкумина.

Имено, во бавчата на хотелот „Бристол“ постои еден огромен орев со прекрасна крошна, кој фрла дебела сенка на околината. Засадувањето на оревот и романтичната љубовна приказна на овој пар се опишани во романот „Црно јагне, див Балкан“ на Петре Бакевски.

Хотелот „Бристол“ е една од ретките згради која го има преживеано земјотресот во 1963 година во Скопје. По 90 години постоење, во 2012 година најстариот хотел во Скопје, „Бристол“, беше затворен.