ГРУЕВСКИ открива како лажат за преговорите со Бугарија

Изјави

Поранешниот премиер Никола Груевски на официјалната фан страна на Фејзбук сподели негови ставови по низа прашања, меѓу кои и за актуелните преговори помеѓу македонската и бугарската влада. Тој изразува загриженост за начиот на кој се манипулира со македонската јавност, за наводни придобивки, а всушност тоа се позиции кои Бугарија никогаш не ги ослорила.

„Во последните месеци случајно или не повеќемина политичари, аналитичари и новинари во Македонија по прашањето на спорот за идентитетот, историјата и македонското малцинство кој го отвори Бугарија, а кој што процес во овој период не е пред очите на јавноста, настапуваат со теза која во најмала рака може да се нарече чудна.

Бранат нешто што не е нападнато. Кажуваат дека би подржале нов договор или анекс договор со Бугарија, па дури и промена на уставот доколку Бугарија прифати и даде (писмена) гаранција дека ќе задржиме нешто што Бугарија всушност воопшто не го бара, па дури и напротив, нејзините највисоки претставници кои се занимаваат со македонското прашање јавно говорат дека тоа не го спорат.

Тоа е тезата дека за Македонија било најзначајно да се зачува името на јазикот, поточно дека нашиот јазик е македонски и дека ние сме Македонци и имаме македонска историја.

Но, Бугарија одамна се согласува со тоа. Тие во изјавите велат дека не се спротивставуваат на фактот дека ние сме Македонци, дека македонската нација е реалност, па дури и дека говориме македонски јазик (во официјалните документи бараат да стои “согласно уставот”, но во усните интервјуа често и тоа го изоставуваат).

Она што тие го бараат е поврзано со историјата на создавањето на нацијата и јазикот а не со тоа како денес ги именуваме, со историјата каде за пресвртна точка го земаат 2.август 1944 година кога е одржано првото заседание на АСНОМ и кога се донесени првите документи на кои се темели државноста на Македонија.

Според тоа, да бидам попрецизен, нивните барања се да прифатиме дека до тој момент, до тој датум Македонците се чувствувале и се пишувале, односно се декларирале како Бугари, јазикот кој го говореле бил бугарски јазик, или дијалект на бугарскиот јазик и историјата на овој народ кој живеел на просторот на денешната независна држава Македонија (дел од нив сеуште се живи), до тој момент била бугарска историја. Ништо од тоа не било така, но тоа се нивните барања.

Во изјавите на нивните највисоки државни претставници, во последните години јасно говорат во многу наврати дека само ова го бараат и јасно објаснуваат дека прифаќаат дека реалноста денес е дека ние се чувствуваме Македонци и дека јазикот го нарекуваме македонски.

Во последно време го отворија и прашањето за заштита на бугарското малцинство во Македонија нагласувајќи ја потребата за промена на уставот и впишување на Бугарите помеѓу другите етнички заедници или делови од народи, а истовремено отфрлаат не само можност за признавање на македонското малцинство во Бугарија, туку и политичка партија не дозволуваат да се регистрира во која би доминирале оние кои нели не постојат.

Јасно е дека ни треба деблокирање на нашиот пат кон ЕУ, нормализација на односите со соседна Бугарија и јасно е дека ако има договор ќе треба да се постигне некаков компромис.

Но, не е во ред во нашите придобивки од тој компромис да вбројуваме нешто што не е барање на другата страна и за кое Бугарија не спори.

Не е во ред да создаваме лажна слика на лажни односно непостоечки придобивки и непостоечки успех.

Да не ја потценуваме интелигенцијата на македонскиот народ. Македонија е негова држава, на народот а не на мал број политичари и тој народ треба да знае што се прифаќа и што се добива од тоа и да се согласува со тоа.

Треба реално и искрено да се постават и објаснат работите без трикови и измами од страна на било кој.