МАРАТОНСКО ДОБРО УТРО од Аматерката

Добро утро

Трка во вселената меѓу САД и Кина визави западно балканскиот маратон

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

По две успешни слетувања на Месечината, Кинезите се упатија кон црвената планета Марс. Нивната вселенска сонда влезе во орбитата на Марс оваа среда, а таму планираат двогодишна мисија. Кинеската сонда Тијанвен – 1 влезе во орбитата оваа среда. Научници од оваа областа велат дека оваа сонда носи некои од најнапредните научни инструменти досега.

Потребни беа седум месеци да се патува од Земјата, за кинескиот ровер со шест тркала да кружи околу црвената планета. Паралелно со Кинезите, Американците и ОАЕ ги испратија своите сонди на планетата Марс. Сондата на ОАЕ влезе во орбитата на Марс еден ден порано, додека „Персеверансе“ на НАСА се очекува да влезе во атмосферата на Марс за осум дена. Сондата на НАСА, чија цена е околу 2,4 милијарди американски долари, се очекува да слета на дното на кратерот „Езеро“, за да бара знаци на живот во областа, каде што научниците велат дека станува збор за древна речна делта со езерски наоѓалишта.

Додека светот се натпреварува со наука и врвна технологија,  на истава планета Земја се случува и вековен маратон со цел „доградување на недовршените држави“. Косово е соочено со признавањето од страна на Србија, Босна со нефункционалноста на Дејтонските содржини,  Србија со признавање  на граничните линии со Косово и Република Српска, Македонија со признавање на идентитетот од страна на Бугарија… Низа недоразбирања, лошо владеење , недостатокот на урамнотежени политики по разни прашања на лидерите на балканските држави  овозможија ЕУ да ги  стигматизираат слабостите на балканските држави.

Критериумите се стегнаа, рамките станаа поригидни, а мандрата на Европа се смени. Екстремизмите пораснаа а по  џихадистичките атентати и притисокот на мигрантите, државите почнаа да ги наметнуваат референдумските изјаснувања околу приемот на новите членки. Екстремната десница во ЕУ ја разви антиевропската теза за скептицизмот и опасноста од новите варвари од Балканот и ја потпали фриволноста на јавното мислење. Македонија предолго време  го решаваше  проблемот со Грција.  Србија се занимаваше со Хашкиот трибунал, БиХ со своите три ривалски ентитети, Црна Гора и Косово подоцна станаа држави, а Македонија повторно „заглави“ во решавање на ново недоразбирање, овојпат со Бугарија.

Додека ние се занимаваме со историја и дневни политички теми и животот го трошиме во осознавање на самите себе, некои откриваат  древни речни делти со езерски наоѓалишта на Марс. Исти суштества на иста планета со иста возбуда! Едните ќе аплаудираат и ќе се радуваат на успешно слетаниот ровер, а другиве на влез во ЕУ!