
ЛИДЕРСКО добро утро од аматерката
Лидерски консензус
пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкyлтeт
И Black Friday не му помогна на Заев да обезбеди парламентарно мнозинство. Постојано говори за зголемување на парламентарното мнозинство, а во суштина нема мнозинство. Од друга страна пак, неговата оставка ја условува со стабилизирање на истото.
Во неколку наврати напоменува дека останува на функциите за да помогне во одржувањето на парламентарното мнозинство кое треба да биде ориентирано за евроатлантскиот пат, за мултиетничкото општество, за држење на меѓусоседските односи и позитивните реформи во државата. Засега, повеќе од очигледно е дека неговите напори се неуспешни.
Има ли народ во оваа наша држава?! Има ли експерти кои треба да се позанимаваат со сегашнава состојба? На кого е оставена државава? Впечатокот во јавноста е дека пластичните кеси се најголемиот проблем со кој се соочуваме! Сите тие подеднакво се одговорни за ситуацијата во која се наоѓаме, и опозиција и власт. Воспоставија пракса на лидерските средби со нетранспарентен формат на решавање на политички несогласувања и го делегитимираа Собранието. Му ја негираа улогата на чувар на суверенитетот на секој граѓанин. Токму тоа е причината за моменталната состојба.
Со ваква пракса нема демократизација на нашето општество. Политичкиот дијалог за разрешување на кризни ситуации мора првенствено да се одвива во Собранието. Но, сега е предоцна за враќање во минатото. Потребно е ИТНО делување! Потребата од широк консензус во оваа состојба на безизлезност е очигледна. Повеќе од било кога во овој момент сите политички чинители и партиски лидери треба да покажат одговорен и државнички однос кон сите предизвици.
Во моментов ни се случува преклопувањето на повеќе критични процеси, па и светска пандемија. Водењето на одговорни политики не може да биде оставено за некое идно време, бидејќи цената е висока и ја плаќаме веднаш. Итно е потребна крајна одговорност и обединување како никогаш досега – конструктивна опозиција и одговорна Влада.
Доколку во моменталната констелација на односи консензус не е можен, до него евентуално може да се дојде низ концентрациона влада од сите партии во Собранието, притоа свесни за ризикот од неуспех на истата. Обединетост во оваа кризна состојба е клучна, во спротивно, одолговлекувањето на оваа ситуација ќе создаде тешко поправлива штета.