КОЛУМНА Томиќ: ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ Е ПОСИЛНО ОД КУРШУМ

Колумни

ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ Е ПОСИЛНО ОД КУРШУМ!

Пишува Слободан ТОМИЌ, новинар

Американскиот претседател Абрахам Линколн беше човек со демократски ставови. Веруваше во моќта на луѓето. Ќе го паметиме по максимата “Гласачкото ливче е посилно од куршум!“ од неговиот говор на Првата републиканска државна конвенција во Илиноис на 29 мај 1856 година.

Искрено речено, власта е предизвик и искушение! Но, како што Господ дава и зима, така и народот дава и зима, на избори. За жал, Македонија без султанат, цели триесет години имаше султани. Деца од школо влегуваа во филм како до брзи пари без школо и за кусо време создадоа богатства и империи. Чест на исклучоци.

Но, власта не е без граници. Гласачкото ливче ги руши империите на криминално коруптивните режими, кога сервилноста кон народот ќе ја претворат во агресија и насилство!

На 17 октомври, на локалните избори во Македонија, народот изврши ревизија на волјата од пред четири години. За жал, изборите поминаа со нерегуларности и далавери од партиите на власт, да ја сочуваат локалната самоуправа. Свежи се сеќавањата на градоначалникот на Ново Село кој уште неседнат на фотеља, се впушти во контарабанда со шверц на цигари Mallboro. Бил роднина, пријател на овојоној… И ред други скандали и коруптивни афери… Е, народот тоа не го простува и не го заборава. Бранко Црвенковски кога ја изгуби власта рече “Народот е во право и кога греши!“ Не, народот секогаш е во право и секогаш на крајот победува, дава ама и зема, наградува ама и казнува!

Во Германија ЦДУ замина во опозиција. Меркел отиде во пензија. Во Грција ПАСОК од партија на власт, исчезна од политичката сцена на Елада!

СДСМ распродаде се’ и народот ги казни на локалните избори, следат парламентарните… Првиот круг на локалните избори донесе многу млади и амбициозни градоначалници. Се надеваме, дека со реализацијата на ветените проекти ќе ја оправдат довербата на народот и граѓаните. Очекуваме стандардите во општините да ги поткренат поблиску до европските. Се разбира, македонското општество има длабоки традиции и историски вредности. Артефактите, историјата и културата од овие простори можат од секоја општина да претворат туристичка мека за туристи и инвеститори.

Македонија е историска и културна ризница за Европа: Христијанството во Европа доаѓа преку Македонија, Источна Европа е покрстена и описменета од Охрид од Македонија, најстарата црква во светот Охридската Архиепископија Патријаршија и Јустинијана Прва е во Македонија, првиот универзитет во Европа се наоѓа во Охрид во Македонија, Охрид е втор Ерусалим за христијанството, Македонија е производител на органска храна, најквалитетните води во Европа се во Македонија, овде храната има вкус и мирис, наместо маркетите низ Европа богати со зеленчук и овошје како пластика во боја…

Бројката од 22 градоначалнички места за ВМРО-ДПМНЕ е јасен показател, дека народот сака промени за нова иднина на Македонија! Митко Јанчев досегашниот градоначалник на општина Кавадарци, уште во првиот изборен круг го доби мандатот по трет пат. Значи, народот избира и препознава по дела и злодела! Тука е и Стевче Јакимовски кој го доби зеленото светло да замине во вториот круг и покрај големите математики на власта и коалицијата во одбрана на нивниот кандитат во општина Карпош, каде владее урбан хаос и безредие.

Вољата на народот за нови и млади градоначалници и советници во локалната самоуправа донесе победа уште во првиот круг на кандитатите на опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ во општините Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров, Сопиште, Петровец, Илинден.

Новиот градоначалник на општина Бутел со потврдени дела на меѓународната спортска сцена, покажа како се лобира и победува за Македонија.

Искрено, има градоначалници и од СДСМ со визија и енергија, но за поразите одговорите треба да ги побараат во малициозноста и ароганцијата на нивниот лидер. Иако, тешко да одвикнете некој кој заминал во аздис и трошење на буџетски пари.

Не смееме Охрид и Струга да ги оставиме на урбаната мафија кои го сардисаат македонскиот бисер на УНЕСКО – Охридското Езеро! Затоа и одговорноста на новите градоначалници, да не продолжат со незаконитоста на претходниците!

Тука е и убавата Шар Планина и општините кои ја делат, за граѓаните да не се трујат во загадениот воздух од депониите кои горат и да не бидат жртви на урбаните локални мафии.

Радува епилогот од вториот круг, македонската метропола од ослободувањето после 77 години да добие наместо градски татко – градска мајка, Данела Арсовска, која одговорно ќе го менаџира Градот Скопје на општо задоволство на сите!

Верува народот односно граѓаните дека новите ликови во политиката ќе донесат поинаква филозофија и стил на однесување и работа!

Ја чувме и првичната оценка и од шефот на набљудувачката мисија на ОДИХРТана де Зулуета, за локалните избори во првиот круг: Беше добро да се види голем број кандидати кои слободно водат кампања низ целата земја! Но, беше очигледно, дека најголемите партии го користеа законот да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист“.

Пријатно изненадува сознанието за големата елиминација на групното и семејното гласање. И покрај активната и генерално мирна изборна кампања, дебатите изобилуваа со негативна реторика, особено насочена кон жените кандидати. Родовата еднаквост и правата на жените во голема мера отсуствуваа од партиските кампањи, во кои изостана застапеноста на жените. Набљудувачите забележаа изолирани случаи на заплашување на кандидатите, со притисок да се повлечат и да купат гласови.

Уредите за биометриска идентификација на гласачите (УБИГ) создадоа ред во гласањето, но укажаа на потребата од едукација за ракувањето со нив и на одговорноста на Министерството за внатрешни работи за слабиот квалитет на отпечатоците, но и неможноста за скенирање на личните исправи, поради што трипати се менуваше технологијата на гласањето во текот на изборниот ден. Тоа создаде редици пред гласачките места и нервоза кај сите. Да се надеваме овие недостатоци на вториот круг од локалните избори на 31 октомври 2021 година ќе бидат трајно минато време.

Сите посакуваме Македонија да се придвижи во добар правец за доброто на граѓаните, народот и државата, а тоа го заслужуваме сите.

И после се’ и покрај се’, му благодариме на Бога, бидејќи како Него никој не е! А, бидејќи гласачкото ливче е посилно од куршум, јавниот апел до сите да излеземе на вториот круг на гласање на 31 октомври! Тие кои ја научија лекцијата ќе одат напред, но тие што не ја примија пораката од народот ќе го повторуваат мандатот со надеж до наредните избори.

За победа на Македонија!