
ВАЖНО: ЕУ за сите 30, а само за Бугарија 38 милијарди евра
Самитот ЕУ – Западен Балкан не донесе конкретен рок за влез на земјите од регионот во ЕУ, иако домаќинот Словенија ја предложи 2030 година, па како утеха за шесте земји од Западен Балкан, ЕУ претстави Економски и инвестициски план (ЕИП) со кој се предвидуваат 30 милијарди евра помош во наредните седум години.
Според наведеното во декларацијата од Самитот во Словенија, 9 милијарди евра се грант, а остатокот ќе бидат инвестиции привлечени преку новиот Гарантен инструмент за Западен Балкан.
Со овие средства, ЕУ сака „да ги стимулира долгорочното, зелено социоекономско закрепнување и конкурентноста на регионот, да ја поддржи неговата зелена и дигитална транзиција, да ги поттикне одржливата поврзаност, регионалната интеграција, трговијата, со што ќе ги зајакне соработката и конвергенцијата со ЕУ, вклучувајќи ги и целите во однос на климата“.
За споредба, Бугарија ќе добие 29 милијарди евра од новиот инструмент на ЕУ за закрепнување од коронакризата и долгорочниот буџет на ЕУ во следните 7 години. Дополнително, според политиката за кохезија на ЕУ, Бугарија во наредните седум години ќе добие уште 9 милијарди евра. Тие пари посиромашните земји на ЕУ треба да ги користат за да се намали економската нерамномерност со побогатите членки и земјите – основачи на Унијата. За сервисирањето на долгот на Бугарија гарант ќе биде целата Европска унија.
Ваквата разлика во помошта од ЕУ ќе го зголеми јазот меѓу земјите членки и кандидатите за членство, особено што Бугарија е најсиромашна земја во ЕУ. Така, држејќи го Западниот Балкан изолиран од континентот, ЕУ ќе придонесе овие шест држави да остануваат се посиромашни во однос на другите држави во Европа и од економскот јаз ќе направат провалија. За споредба, бруто домашниот производ (БДП) на шесте држави со нивните околу 17 милиони жители е помал дури и од оној на Словачка со 5,5 милиони жители, додека по глава на жител е меѓу 20 и 40 отсто од просекот во Германија.