ЕВРЕИТЕ за „бугарски фашистички окупатор“

Балкан

Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија не се согласува со намерата за бришење на етничката припадност во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“.

Тие го поткрепија ваквото мислење со неколку факти. Според нив, денешна Република Македонија за време на Втората светска војна била поделена на две окупациони зони, Западна Македонија окупирана од Италија, а Централна и Источна од Царска Бугарија.

– Евреите живееле во делот окупиран од страна на Царска Бугарија. Евреите од Македонија биле депортирани од страна на бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот окупатор. Бришењето на терминот за етничка припадност значи искривување на историската вистина. За да не дојде до погрешно учење на историјата потребно е дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни кои се погодени со историските случувања. Тоа значи наместо бришење на „бугарски“ да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор, би се именувале како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“, велат од Еврејската заедница.

Од таму додаваат дека денешна модерна и демократска Бугарија, треба да го апсолвира фактот со своето минато дека била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите.

-За да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото, потребно е јавно да се извини за постапките на Царска Бугарија, за окупацијата и депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија. Ова наше барање се провлекува години наназад и наместо да биде финализирано, се повеќе се продлабочува. Се надеваме дека нема да дојде време кога ќе се побара од нас Евреите, кои со векови живееме на овие простори да ја избришеме колективната меморија за постапките на „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“, стои во соопштението.

Премиерот Зоран Заев синоќа изјави дека во 21-век, не треба да се гледа на работите преку именување на нацизмот со етничка боја.

-Ако сакате да градите пријателство и добри односи, треба да постапуваме правилно. Спомениците остануваат обележја на фашизмот и затоа се изградени. Бугарски фашистички окупатор не значи дека го девалвираме фашизмот, односно го омаловажуваме. Тоа е преголемо зло. Непријатно е да се именува целата нација како фашистичка. Во европските учебници, во духот на пријателството, се избегнува националната обоеност на фашизмот, рече Заев.