17-годишник пукал со пушка во училиште во Србија, две лица завршија во болница

Балкан, Хроника

Полициски сили, жандармерија и екипи на итната медицинска помош утрово интервенирале во Првото техничко училиште во српскиот град Крагуевац, откако во објектот било пријавено пукање. Во инцидентот се повредени две лица, а полицијата го привела осомничениот 17-годишен ученик од училиштето.

Информацијата ја потврди и српското Министерство за внатрешни работи, од каде соопштиле дека едно лице најверојатно се здобило со повреди од огнено оружје, додека другото било повредено од скршено стакло, објави 4news.mk

Според првичните информации објавени во српските медиуми, повредените се две жени кои работеле како хигиеничарки во училиштето. Едната од нив била погодена во ногата и со возило на итната медицинска помош била пренесена во болница. Според досегашните информации, нејзиниот живот не е во опасност.

По пријавата, околу училиштето биле распоредени бројни полициски екипи и припадници на жандармеријата. Просторот бил обезбеден, а надлежните служби започнале со увид за утврдување на сите околности.

Српскиот неделник „Време“ објави дека сите ученици и наставници се безбедни, додека малолетникот осомничен за пукањето е задржан во полициски притвор.

Засега нема официјални информации за мотивите на 17-годишникот, ниту за тоа како дошол до пушката со која наводно пукал во училишните простории, објави 4news.mk

Истрагата е во тек, а дополнителни детали се очекуваат од надлежните институции.