Утрово се огласи Петре Шилегов: Ниту бил пијан, ниту имало сообраќајка – пропаднал во црна кал

Македонија

Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, се огласи по информациите и снимките што синоќа се проширија на социјалните мрежи, а кои предизвикаа шпекулации за наводна сообраќајна незгода.

Шилегов појасни дека немало никаква сообраќајна несреќа, туку дека неговото возило заглавило во калта на раскопаните тротоари, поради што било потребно да биде извлечено.

„Возилото заглави во калта на раскопаните тротоари и мораше да биде извлечено бидејќи шлајфуваше“, наведува Шилегов во својата реакција.

Тој објаснува дека со помош на пријатели и случајни минувачи, возилото било извлечено за помалку од десет минути, по што продолжиле со своите активности.

Шилегов им се заблагодари на сите што му помогнале, но и на граѓаните кои се загрижиле поради информациите што се појавија во јавноста. Потенцира дека е во добра здравствена состојба и дека ниту тој ниту возилото не претрпеле никакви последици.

„Добар сум, ништо не ми е, а нормално ни возилото не е оштетено, ќе треба само да се измие од калта“, напиша тој.

Во реакцијата, Шилегов упати и остри критики кон оние кои на социјалните мрежи објавувале навредливи и злонамерни коментари, меѓу кои и шпекулации дека бил под дејство на алкохол.

На крајот, тој порача дека солидарноста и човечноста се најважниот дел од целата случка, повикувајќи ги граѓаните да посветат повеќе внимание на сопствениот живот и да изберат поддршка и позитивен однос наместо омраза и злонамерност.