Божиновска: Енергетската безбедност е неопходност, Македонија работи на нови правци за снабдување
Божиновска: Гасната врска со Грција до средината на 2027 година, поврзувањето со Србија планирано за 2028
Изградбата на гасниот интерконектор со Грција напредува, а завршувањето на македонската делница се очекува до средината на 2027 година. Поврзувањето со Србија е планирано за 2028 година, соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на министерскиот состанок на CESEC во Загреб.
Според Божиновска, двата проекта ќе ја поврзат Македонија со Вертикалниот гасен коридор. Со тоа земјата ќе добие пристап до повеќе извори на снабдување и ќе ја намали зависноста од еден извор.
„Енергетската безбедност денес е неопходност, а не само стратешка определба“, порача министерката на состанокот со колегите од регионот и претставници на европските институции.
На состанокот се разговарало и за модернизација на енергетските пазари, развој на обновливите извори и можностите за користење водород. Божиновска посочи дека Македонија веќе ја изработила првата национална студија за водород.
Таа нагласи дека паралелно со изградбата на нова инфраструктура, енергетскиот систем треба да стане поотпорен на климатските промени. Целта на инвестициите и реформите, рече Божиновска, е посигурно снабдување за граѓаните и подобри услови за стопанството.
